Опасно куче во центарот на Прилеп – граѓани алармираат за одговорно сопствеништво
Загриженa прилепчанка ни испрати порака и неколку фотографии, со кои укажува на сериозен проблем со куче кое, според неа и сведоци, во последниот период предизвикува инциденти во централното градско подрачје.
Пред два дена на социјалните мрежи се појави објава дека кучето било забележано кај „Комерцијална банка“, а подоцна дека е вратено кај сопствениците. Под таа објава, еден од граѓаните сведочел дека истото куче му задавило маче во дворот.
„Пред две-три недели, најверојатно истото куче се обиде да нападне помало сопственичко кутре кое луѓето го носеа на поводник. Очевидци раскажаа дека бил употребен некаков електрошок уред, по што кучето веднаш паднало на земја“, стои во пораката која ја добивме.
На фотографиите има и коментари, со кои се жалат од напад во нивниот двор.




Граѓани предупредуваат дека сопственикот можеби и не е свесен за проблемите што ги предизвикува неговото милениче, но апелираат на зголемена свест за одговорно сопствеништво, затоа што „последиците може да бидат многу посериозни“.
Одговорното сопствеништво подразбира редовна грижа, правилна обука, шетање на кучето со поводник и заштита и на животните и на граѓаните во заедницата. Во спротивно, ризикот од вакви ситуации останува висок.
– Ги повикуваме надлежните институции и сопствениците на миленици да внимаваат, за да се избегнат несакани и потенцијално опасни ситуации.



