Крушево ја засилува безбедноста на туристите – Обврска за противпожарни апарати
Во интерес на безбедноста на граѓаните и туристите, Општина Крушево ги повикува физичките и правните лица кои нудат угостителски услуги за сместување да постапат согласно со прописите за противпожарна заштита. Според објавениот повик, сите сместувачки капацитети во општината се должни да се усогласат со Правилникот за поблиско определување на видовите и количините на противпожарни апарати, кој е донесен од страна на Дирекцијата за заштита и спасување.

Овој Правилник ги дефинира конкретните барања за бројот и видовите на противпожарни апарати што треба да бидат присутни во угостителските објекти за да се обезбеди максимална безбедност во случај на пожар. Правилникот е донесен врз основа на Законот за пожарникарството, а неговото спроведување е од клучна важност за спречување на можни несреќи и заштита на животот и имотот на граѓаните и туристите.
Од општината истакнуваат дека приоритетно се посветуваат на создавање на безбедна средина за сите посетители на Крушево. Општина Крушево апелира до сите угостители да ги исполнат овие обврски и да не дозволат било какви компромиси кога станува збор за безбедноста.
Покрај задолжителната инсталација на противпожарните апарати, објектите ќе бидат подложени на контроли од надлежните инспекциски служби, кои ќе проверуваат дали се исполнети сите безбедносни стандарди.
Општина Крушево нагласува дека исполнувањето на овие закони не само што е обврска, туку и одговорност за сите кои работат во угостителскиот сектор и ги примаат туристите, со цел да се обезбеди заштита од било какви опасности.