Светот денес го одбележува Денот на победата над фашизмот
Денеска, цели 80 години од завршетокот на Втората светска војна во Европа, светот се потсетува на еден од најзначајните настани во историјата – победата над фашизмот. На 9 мај 1945 година, по потпишувањето на безусловната капитулација на нацистичка Германија, беше ставен крај на најкрвавата војна во човечката историја.
Капитулацијата беше потпишана неколку минути по полноќ во разурнатиот Берлин. Од германска страна, договорот го потпишаа фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, генералот Ханс Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург, додека од страна на сојузниците документот го потпишаа рускиот маршал Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер.
Во Втората светска војна учествуваа 61 земја, со речиси 2,1 милијарда жители – што претставуваше 96 проценти од тогашното светско население. Вкупно загинаа над 50 милиони луѓе, од кои повеќе од 30 милиони беа цивили. Особено тешка цена плати Советскиот Сојуз, со околу 20 милиони загинати. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, меѓу нив шест милиони Евреи, жртви на холокаустот.
На Далечниот исток, војната заврши неколку месеци подоцна – на 2 септември 1945 година – по капитулацијата на Јапонија, која уследи по разорните атомски бомбардирања на Хирошима и Нагасаки.
Македонија беше активен дел од антифашистичката коалиција. Во борбата против фашистичките окупатори загинаа околу 33.000 луѓе од Македонија, меѓу кои и преку 7.000 македонски Евреи, депортирани и убиени во логорот Треблинка.
Материјалната штета од Втората светска војна беше огромна – само во Европа се проценува на околу 260 милијарди американски долари.
Денот на победата е повеќе од историски настан – тој е потсетник на ужасите што ги носи војната и на вредноста на мирот, слободата и човековото достоинство.