„Толку ли брзо го заборавивте Кочани?“
Во знак на протест и апел до институциите, на плоштадот „Македонија“ во Скопје се одржа герила акција од иницијативата „Support Kocani“. Кочанчанецот Мартин се врза на бандера, симболично укажувајќи на чувството на заборавеност и запоставеност на неговиот роден град.
„Се обраќам до големите луѓе во оваа држава. Што уште треба да ни се случи во Кочани за некој конечно да се освести дека и нашиот град постои? Толку ли брзо не заборавивте?“ праша Мартин, повикувајќи на поголема поддршка и акција. Тој потсети на трагичниот пожар во „Пулс“, при што, како што рече, петмина негови пријатели го загубиле животот, а некои од преживеаните деца останале со трајни последици – без прсти на рацете.
„Тие деца никогаш нема да можат да ги користат своите раце. Ако ништо друго, ајде барем на нив да им помогнеме. Тие не смеат да останат заборавени. Зошто Кочани никогаш не бил приоритет во овие 30 години?“ додаде тој. Одговарајќи на критиките зошто излегол јавно врзан, Мартин рече: „Ме прашуваа дали не ми е срам. Јас и онака сум духовно врзан. Немам што да правам, немам каде да одам. Морам да живеам во тој град, и морам нешто да променам.“
Преку оваа акција, „Support Kocani“ испрати силна порака до институциите – дека нееднаквиот развој и игноранцијата кон одредени региони водат кон очај и отпор, но и дека граѓаните не се подготвени да молчат.