|

Англиски Литлхамптон и Mакедонски Ресен потпишаа Повелба за збратимување

Во вторникот, во англискиот град Литлхамптон, беше официјализирано збратимувањето меѓу Литлхамптон (Обединето Кралство) и Ресен (Република Македонија), со потпишување на Повелбата за збратимување од страна на градоначалниците Шон Ли и Јован Тозиевски.

Ова значајно партнерство претставува резултат на активните дипломатски напори на Амбасадата на Република Македонија во Обединетото Кралство, предводена од амбасадорката Н.Е. Катерина Ставревска, со цел унапредување на меѓународната соработка и поврзување на локалните заедници.

Своја клучна улога одигра и македонската дијаспора во Литлхамптон, предводена од чичко Петре од Крани, кој заедно со останатите членови на заедницата активно придонесе кон реализацијата на ова збратимување.

„Збратимувањето меѓу Ресен и Литлхамптон е симбол на пријателство, доверба и визија за заедничка иднина. Ова партнерство ќе отвори нови можности за нашите граѓани – во културната, образовната и економската сфера,“ изјави градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, по потпишувањето на Повелбата.

Во рамките на збратимувањето се најавуваат разни активности: културни манифестации, образовни размени, младински програми и економски форуми кои ќе ги поврзат жителите и институциите од двата града.

Овој чекор претставува значајна основа за понатамошна соработка помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, зајакнувајќи ја врската меѓу двете земји преку директна размена меѓу нивните локални заедници.

Слични Објави