Денеска е Томина Недела -Бела Недела или Мал Велигден
Денес е Томина недела – денот кога воскреснатиот Исус Христос го убедил апостолот Свети Тома во Неговото Воскресение. Православните верници денеска ја одбележуваат Томина недела, првата недела по Велигден.

Томина Недела или Нова Недела, Антипасха, во западното христијанство позната како Бела Недела или Мал Велигден. Ова е значаен христијански празник кој се прославува во првата недела по Велигден и е посветен на светиот апостол Тома.
Кога Исус Христос се јавил на апостолите, Тома не бил со нив, а кога тие му кажале дека го виделе учителот тој не поверувал и им одговорил: „Дури не ги видам клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“.
По осум дена кога и Тома бил со другите апостоли Исус пак им се јавил при што посебно му се обратил на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив но верлив!“ Одговори Тома и му рече: „Господ мој и Бог мој!“ Исус му рече: „Тома, ти поверува, оти ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“. (Јован, 20/27-29)