„Македонија на Македонците: македонската ослободителна мисла (1893–1991)“ – стручна трибина во Прилеп
Прилеп ќе биде домаќин на стручна трибина посветена на македонската ослободителна мисла и историскиот континуитет на борбата за национална слобода, со посебен акцент на револуционерното наследство на Прилеп и Прилепско.
Трибината на тема „Македонија на Македонците: македонската ослободителна мисла (1893–1991)“ ќе се одржи на 21 октомври 2026 година (среда), со почеток во 18 часот, во Салата за седници на Општина Прилеп. Настанот го организираат Општина Прилеп и ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, а ќе се реализира во форма на модерирана тркалезна маса, со учество на истражувачи и универзитетски професори.
Целта на трибината е да се разгледаат главните правци, историските промени и континуитетот на македонската ослободителна мисла во периодот од 1893 до 1991 година. Дискусијата ќе ги опфати основањето на Македонската револуционерна организација (МРО), Илинденското востание, последиците од Балканските војни, меѓувоениот период, Народноослободителната борба, АСНОМ и патот до прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 година.
Посебно внимание ќе биде посветено на Прилеп и Прилепско, чија револуционерна, општествена, просветна и културна улога зазема значајно место во македонската историја. Преку историски извори и научни толкувања, учесниците ќе ги разгледаат политичките, јазичните и националните процеси што ја обликувале македонската ослободителна мисла низ различни историски периоди.
На трибината ќе учествуваат истакнати истражувачи од областа на историјата, јазикот и литературата. Модератор ќе биде д-р Александар Василески, виш научен соработник, вонреден професор и директор на Институтот за старословенска култура – Прилеп.
Свои излагања ќе имаат проф. д-р Лилјана Гушевска од Институтот за национална историја – Скопје, која ќе говори за јазичното прашање и неговото значење во градењето на македонската национална свест, како и проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова од истата институција, со осврт на основањето на МРО, нејзините програмски определби и внатрешна структура.
Проф. д-р Славчо Ковилоски од Институтот за македонска литература и член на Здружението на историчари – Прилеп ќе се осврне на Илинденското востание преку сведоштвата на учесниците од Прилепско, како и на поделбата на Македонија во 1912/1913 година. Проф. д-р Ленина Жила, експерт за меѓународните односи во XX век, ќе говори за пројавите на македонската национална свест во меѓувоениот период.
Настанот е замислен како динамична научна дискусија, организирана во четири тематски, хронолошко-проблемски блокови. Програмата ќе биде збогатена со проекции и читање кратки примарни историски извори, со што публиката ќе има можност непосредно да се запознае со документите и сведоштвата поврзани со разгледуваните историски процеси.
Според најавената агенда, настанот ќе започне во 18 часот со отворање, поздравни говори и краток историски вовед. Од 18:20 до 19:30 часот ќе следуваат тематските излагања и отворената дискусија, по што ќе биде организиран завршен круг за сумирање на клучните тези. Предвидени се и прашања и дискусија со публиката.
Со организирањето на оваа трибина, Општина Прилеп и ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп отвораат простор за научно преиспитување и афирмирање на историското наследство, националната свест и идеите за слобода што го одбележале македонскиот историски развој во периодот од крајот на XIX до крајот на XX век.


