Не можат сите да бидат задоволни (ако партијата не е)
Урбанистите – почетници, ГУП – от го сметаат за Библија или Куран, кој не смее да се менува, освен во прецизна постапка, пропишана со закон. Ќе се мени само ако моментно владеачкиот бог така рече. Во случај да си од „погрешна вера“, го менуваш „дресот“, оти тоа да ти била единствената важна работа. Ако е верата иста, а во урбанизмот верата е секогаш иста, важен е само „кондициониот тренер за мито“.
ДУП – от пак, било женски, било урбанистички, може да се менува, но не мора, иако се и тие исто така свети, како и верските книги. Нерамномерната, поточно „асолно произволната“ примена на ДУП – от од страна на Великите свештеници во општините и тоа министерството за транспорт и врски е главна методологија на верата. Таа методологија произлегува од тоа законите, кои ги прави владата, заедно со тоа професорите од правен и архитектонски факултет, а секое нивно препрочитување дава нов поглед и „инспирација за в’џеб“ на ДУП – от и законите за градба и урбанистичко планирање.
Верата не е од Далајлама, туку од „Врдалама“.
Сепак, ДУП – овите не биле толку отпорни на промени, само треба да се знае како.
Прво, имаме малечки преправки на парцели, или големи поправки на „мали парцели“ од урбанистичкиот план. Ако, ако! Тоа може, со минимално прекршување на законот. Тука се и општинските совети, па каде што треба неказнивост, ќе помогнат, заедно со тоа комисиите.
Потоа, може малку да се „подпромени“ маркицата, односно да се „подзголеми“ катноста („венецот“), основите на градба, па зградите и „шетаат“ и „растат“. Машала, машала, голема да раснеш. Може и да се пушти некое зградиче без паркинг, само со доплата, да се изостави правилото дека паркирањето мора да биде во рамки на локацијата (во цената на станот мора да влезе и гаража) и слични хокус – покус трикови, затоа што „локацијата дозволувала“. Ниту тротоарот не е свето место, па да не го подукрадеме, во име на 2 – 3 станчиња фазла или (барем) на него да паркираме, затоа што со станот не сме добиле гаража, која „влегла во цената“. Па нормално, општината ќе даде 16.000 маркици за паркирање, иако има само 6.000 паркинг места, но кога ќе измислат антигравитација, ќе има вертикално паркирање. Нормално е да се донесе и Закон за достава, односно за „растовар на гајби“, но пак брзата помош ќе стане „спора помош“.
Има можности, има. Верувај во бог Врдалама и биди со прав дрес, под услов пари да ти се претураат од џебовите – ќе се може некако. На пример, може и да се постават објекти како „урбана опрема“, а потоа да се легализираат. Ако, ако, па не е од татка главата! Главно е дека „не можат сите да бидат задоволни“. Партијата мора да биде, затоа што на Великиот свештеник можат да му „стегнат“ кривична пријава, да го снајде смена или неговите „пријатели – градежници“ да го напуштат и да не му креваат телефон.
Кај општините пак, се оди во крајности: или „ништо да не се гради“ или „пушти го фронтот“ нека се гради како – кој сака! Ако градоначалникот сака да стави ред, тешко тоа ќе оди. Диловите се веќе направени пред него, веќе измените поминале на Совет, некоја од проектантските фирми изготвува „измени“, „вклопувања“, „регулациони линии“, а и од неговиот тим прават нови дилови, за кои градоначалникот последен ќе дознае. Пардон, тука е и приватизацијата и легализацијата: првата, втората, продолжувањата, новите продолжувања, измени на закони… Граѓаните не знаат ништо, но знаат дека „во партијата се раскарани“, па лови најсилна партиска струја.
Сите овие усложнувања и лавиринти од закони и различна примена на истите тие закони, бараат кадар, а партиски кадар на претек. Идила! Додуша овие кадри ниту со умот не можат да се состават, а камоли да спроведуваат закон, да планираат и да ја преземат „позадинската припрема“ на услугите – кои граѓаните ги бараат. Тие се тука за партијата да биде задоволна. Граѓаните и не мора да бидат задоволни, нели?
Кадарот во општините се зголемува, но квалитетот не! Финансирањето на општините веќе чкрипи како преоптоварена макара, но плачот министерството за локална самоуправа ќе го чуе, само ако се плачковците од партиите на власт, или ако знаеш „некој јак“ до ДУИ. Другите добиваат добро познат одговор: Зголемете ги сопствените приходи, изгответе проекти, аплицирајте во ИПА – та. Убаво, ама општините сега, во недостаток на поголем број издадени градежни дозволи, се финансираат од комуналии и данок на имот. Првото е чиста глупост и беда од малку пари, а за второто партиите (и сите други институции од прва – до последна) не даваат да се зголеми смешниот данок на имот, за да им се додворат на граѓаните. Општините да аплицираат во ИПА – та или да изготват напреден развоен проект? На ова е одговорено: Кој од партија има таква вештина, а од другите „писмените“, не ги играат. Да викнат некого „од страна“? Како ќе му платат, со кои пари? Проектите, ако сакаме да бидат реални – скапи се и бараат способни имплементатори. Таквите на прсти се бројат.
Кањец фиљма.
Посоверемен начин на финансирање и нови извори на сопствени приходи се случува само со вклучување на способни поединци, експерти, познавачи на финансирањето од меѓународни донатори, финансиери и менаџери во власта, а од нив партиите бегаат како ѓавол од крст.
Final end!
Значи, системски промени не се можни, а проектните и вонсистемски не ги прифаќаат од страв дека нема да можат да крадат заради повишување на нивото на законитост и смалување на можноста законите да ги толкуваат, наместо да ги применуваат. Таква е и приказната со урбанизмот. Секој шеф на урбанистичко одделение во општините, би земал барем 1500 евра плата кај приватник, наместо сегашните 40 до 50 илјади денари месечно. Зошто не одат таму за дупло поголема плата? Смешно е прашањето нели, кога сите знаат дека платите на овие им служат за мастики и сончоглед, а со 60 – 70 илјадарки денари месечно, едно „такво“ семејство има купено и по 5 – 6 станови, куќи во Грција, во Охрид…
Ете, тоа е одговорот и повторно води на исто место: Мито, корупција, криминал и стимулирање на ниските стандарди. Останатото е за до 4 – то одделение, каде е волкот редовно зафркнат. Овде волците од партија мораат да бидат задоволни, а граѓаните и не мора, оти „не може сите да бидат задоволни“.