ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ ОД ЧЕШКИ АВТОРИ, ПОСВЕТЕНИ НА МАКЕДОНСКИТЕ УБАВИНИ

Вечерва во 19:00 часот во библиотеката „Борка Талески“ ќе бидат промовирани 17 фотографии на тема: Македонија, нејзините убавини, традиција, обичаи, култура, рурален живот… изработени во последните 5 години, во с. Слоештица Демир Хисар.

Заследете нѐ на Facebook и први дознавајте за новостите.


Делата (17) на претставниците на реномираната Либеречка школа за фотографија (LŠF) од Чешка ќе бидат изложени во Прилеп, во градската библиотеката „Борка Талески“, од петок, 19 август до крајот на месецот. Фотографиите создавани во Македонија, во периодот од 2018 година до денес, ја раскажуваат приказната за Македонија, за убавините на демир-хисарскиот регион, за неисцрпното природно и културно богатство на нашата земја.

– Во 2018 година, 9 фотографи работеа на илустрација на песната „Можев да ти бидам“ (Пофалба на Демир Хисар) од Петре М. Андреевски. Во 2021 година, други 5-мина претставници на школата работеа на тема: „ВЕЗИЛКА“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески. Годинава, во периодот од 8-20 август, на уметничкото гумно престојуваат 9-мина фотографи коишто крстосуваат низ селата од горно-демирхисарскиот регион и преку своите фотографии ја раскажуваат приказната за неисцрпното природно и културно богатство што, за жал, исчезнува, велат Ирена и Сергеј Андреевски, основачите на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО, којшто годинава одбележува 2 децении успешна работа.

Брачниот пар Андреевски се исклучителни почитувачи, негувачи, но и креатори на македонските вредности. Тие посветено го развиваат овој центар во родното село на писателот Петре М. Андреевски. Со делото на неговите потомци с. Слоештица прерасна во средиште на сликарството,уметноста, книжевноста, културата воопшто. АРТ ПОИНТ – ГУМНО и семејството Андреевски несебично и секојдневно се вградуваат себе се во перманентаната промоција не само на македонските културни вредности, туку и македонските природни убавини, кујна, традиција, обичаи… сė што е македонско обележје, исполнувајќи го аманетот на своите предци, продолжувајќи го во друг правец делото на виртуозот на прозата и стихот, Петре М. Адреевски.

Во рамките на оваа поставка во Прилеп, што ќе биде отворена за јавноста до крајот на овој месец, ќе биде изложено и дело на академскиот сликар Сергеј Андреевски, како најава за негово следно гостување, со своја поставка во градската библиотека.

Слични Објави