Кој те шиша градоначалниче
На Св. Никола, на регионалниот пат, таму негде атарот на Новаци, загинал човек во сообраќања несреќа. Фатила голомразица, па се „исчукале“ на неколку места, на тоа регионалниот пат, а едно од нив со фатални последици. Дали шоферите биле пијани, дали се враќале од слава или е од мразот, кој ќе ти каже. Главно, човекот сѝ отиде, а делот на патот во Новаци остана без да види багер, камчиња или сол на коловозот, што требало да го сторат од „државни патишта“.
Што да прават, кога се многу зафатени, па по некој граѓанин може да биде жртвуван на олтарот на забеганоста, негрижата и криминалот. Во тоа „државните патишта“ земаат пари од горивото, од регистрација на возила за да ги чистат и одржуваат автопатите и регионалните патишта, ама ниту ги чистат, ниту ги потураат со сол и камчиња, ниту ги „стрижат“. Ако некој загине или излупа возило од тоа гранките, кои удираат по шофершајбните, тоа ќе оди во графата „невнимание на возачот“, „неприспособување на брзината на условите на патот“ или „виша сила“. Срам да им е на возачите, зошто загинале или биле повредени. Да возеле 20 км на час, немало да се случи. Исто како со голомразицата кај Новаци и „заборавените траси“, кои се не помалку од 60 – 70% од сите траси.
За волја на вистината, кога одевме по стариот пат за Битола, гранките беа острижени и кутнати лево – десно, а понекаде и собрани и однесени. Браво за Јавното претпријатие за државни патишта. Види го ти директорот Ејуп Рустеми, што се помачил.
Ама, да не ти бил Ејуп тој што стрижел гранки, туку од Општина Могила биле тие што сечеле и носеле гранки од регионален пат, иако тоа не е нивна надлежност. Од општината се многу благодарни на господин Рустеми, што им дозволува на општинарите да сечат гранки од државните патишта. Ниту казна не им „стегнал“, оти се мешаат во неговата надлежност. Фин некој господин, кој штеди пари на шишање покрај патот и им дозволува на општиините на свој трошок да му, ја работат работата.
Не само тоа. Тој им дозволил и такви дрскости на Могила и Новаци, ем да шишаат државни патишта – за свои пари, ем да чистат снег и да тураат сол и камчиња – неместо него. Така нему ќе му остане ризлата, или уште подобро – нема ниту да ја купи. Сол одамна не купуваат од тоа „патиштата“, зошто ќе им бил „многу солен“ патот.
Но, некој мора „да шиша“, па „парето им паднало“ на градоначалниците. Значи, кога ќе прашаат „кој те шиша на слабо светло“, заради енергетската криза и филателијата на Ејупче (собирал евра), одговорот е познат: Општините!