Младост и искуство – поврзани во една заедничка средба

Меѓугенерациска средба во СОУ „Орде Чопела“ ги поврза знаењето, искуството и младоста

Во рамки на активностите на Центарот за стари лица со активно стареење, беше реализирана меѓугенерациска средба со учениците и наставниот кадар од СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп.

Средбата беше можност за дружење, размена на знаења и искуства, но и за запознавање со практичната работа на учениците од различните образовни профили во училиштето.

Посетата започна во ботаничката градина, каде професорката и учениците од фитомедицинската струка ги запознаа корисниците на Центарот со својата практична работа, како и со знаењата што ги стекнуваат во областа на одгледувањето и грижата за растенијата.

Следуваше посета на хемиската лабораторија, каде учениците од струката хемиско-лабораториски техничар, заедно со своите професорки, подготвија презентација и практично претставија дел од активностите што ги реализираат во рамки на наставата.

Посебно интересна беше посетата на училишната пекара, каде учениците од струката прехранбен техничар ги претставија процесите на подготовка на различни прехранбени производи. Во заедничка активност со корисниците на Центарот, тие подготвија пекарски производи, создавајќи пријатна атмосфера за дружење и соработка.

Средбата продолжи и во училишната фарма, каде корисниците имаа можност одблиску да се запознаат со уште еден сегмент од практичната настава и со активностите што ги реализираат учениците.

Оваа меѓугенерациска средба покажа дека различните генерации можат многу да научат едни од други. За повозрасните, ваквите активности се можност за активно учество во заедницата, дружење и стекнување нови знаења, додека за младите претставуваат можност да ги слушнат животните искуства и мудроста на повозрасните.

Ваквите средби придонесуваат кон создавање поблиски врски меѓу генерациите, меѓусебно почитување и разбирање, но и кон градење заедница во која секој може да придонесе со своето знаење, искуство и способности.

Различни генерации, заеднички вредности – една заедница

Слични Објави