Нова донација за студентите – Отворени Клубот за студенти и ВИТА-ХАБ на Економскиот факултет во Прилеп
Новата академска година на Економскиот факултет – Прилеп започна со нови содржини и подобрени услови за студентите. Во рамки на одбележувањето на првиот академски час, свечено беа отворени Клубот за студенти и ВИТА-ХАБ, два простора кои треба да придонесат за поквалитетен студентски живот, наставата и поврзувањето на академската со бизнис-заедницата.
Клубот за студенти е создаден со адаптација и реновирање на постоечки простор во рамки на факултетот. Тој е замислен како современо и пријатно место каде студентите ќе можат да се дружат, да разменуваат идеи, да организираат настани и работилници и да иницираат активности од заеднички интерес.
Паралелно со тоа, на 1 октомври 2026 година беше свечено отворен и ВИТА-ХАБ, реализиран со целосна поддршка од Витаминка АД Прилеп, по повод 70-годишниот јубилеј на компанијата.
Во рамки на проектот, предавална 2 беше целосно преуредена и современо опремена, со што се создадени подобри услови за реализација на наставата, учење, работа и престој на студентите и наставниот кадар.
ВИТА-ХАБ е резултат на долгогодишната соработка меѓу Економскиот факултет – Прилеп и бизнис-заедницата, со заеднички фокус на унапредување на образованието и создавање можности за професионален развој на младите.
Од факултетот посочуваат дека во реализацијата на оваа иницијатива значаен придонес има и Сашо Наумоски, истакнат алумнист на Факултетот, како потврда на посветеноста кон знаењето, младите и развојот на идните професионалци.
На свеченоста, на претставникот на Витаминка АД Прилеп му беше доделена благодарница како израз на признание за долгогодишната соработка и континуираната поддршка на Економскиот факултет – Прилеп.
Отворањето на Клубот за студенти и ВИТА-ХАБ претставува уште еден чекор во заложбите на Економскиот факултет – Прилеп за создавање современа академска средина, подобри услови за студирање и поголема поврзаност на студентите со бизнис-секторот.


