Со пиетет кон хероината Вера Ацева – ПРЕДАВАЊЕ ПО ПОВОД 20 ГОДИНИ ОД НЕЈЗИНАТА СМРТ
Во рамките на Програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2026 година, донесена од Собранието на Република Северна Македонија, посебно место зазема одбележувањето на ликот и делото на народниот херој Вера Ацева (24 ноември 1919 – 10 ноември 2006).
По повод 20-годишнината од нејзината смрт, Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп организира пригодно предавање под наслов „Со пиетет кон хероината Вера Ацева“, кое ќе го одржи Рубинчо Белчески, историчар – кустос советник.
Настанот претставува можност за потсетување на животниот пат, револуционерната дејност и историската улога на Вера Ацева, една од истакнатите личности во македонското националноослободително движење. Како предводник на народното востание на македонскиот народ на 11 Октомври 1941 година, таа останува запаметена како храбра и бескомпромисна борка за слободата на Македонија, но и како личност која активно учествувала во повоениот општествен и политички развој.
Преку ова предавање ќе се оддаде почит на нејзиниот придонес и ќе се потсетиме на историските вредности, пожртвуваноста и идеалите за слобода што го одбележале нејзиниот живот.
Пригодниот настан ќе се одржи на 24 ноември 2026 година (вторник), со почеток во 18:00 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп.
Со оваа иницијатива, НУ Завод и Музеј – Прилеп продолжува да придонесува кон негувањето на историската меморија и афирмирањето на личностите кои оставиле траен белег во македонската историја.


