Поддршка за самостоен живот – Доделени ортопедски помагала на лица со инвалидитет

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија, додели 24 ортопедски помагала на лица со телесен инвалидитет од различни делови на Македонија.

На свечениот настан, министерот Фатмир Лимани и претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, лично ги предадоа помагалата, кои беа распределени по спроведен јавен повик. Средствата за нивната набавка се обезбедуваат на годишно ниво од страна на министерството.

Станува збор за 14 електромоторни скутери, 7 инвалидски колички на електромоторен погон и 3 електромоторни додатоци за колички. Јавниот повик, кој беше отворен преку социјалните мрежи и два печатени медиуми, им овозможи на членовите на Мобилност Македонија, но и на други заинтересирани лица со телесен инвалидитет, да аплицираат за добивање на соодветно помагало.

Министерот Лимани во своето обраќање истакна дека овие помагала не се само технички средства, туку симбол на поголема слобода, независност и достоинство.

„Остануваме посветени на создавање на општество во кое секој има можност да живее, учествува и придонесува рамноправно.  Заедно да продолжиме да чекориме кон поинклузивна иднина,“ порача Лимани.

Тој додаде дека министерството останува посветено на градење инклузивно општество каде секој има можност да живее, учествува и придонесува рамноправно.

Оваа иницијатива претставува дел од пошироките заложби на институциите за унапредување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивно активно вклучување во сите општествени текови.

Слични Објави