„Снежното кралство“ ја воодушеви прилепската публика – следуваат нови изведби

Со воодушевување и аплаузи од публиката заврши премиерната изведба на музичко-сценската претстава „Снежното кралство“, во продукција на Танц студио „Зодијак“ од Прилеп, одржана во НУЦК „Марко Цепенков“.
Претставата, наменета за деца и млади, ја оживеа приказната за Ана и Елза преку песни на македонски јазик, танцови кореографии, сценски движења, впечатливи костими и сценографија. Младите изведувачи ја пренесоа магијата на „Снежното кралство“ на сцената, создавајќи доживување кое ја воодушеви публиката.
Автор и режисер на претставата е Кире Миладиноски. Преводот, драматизацијата и адаптацијата се на Благојче Николоски, музиката на Кристоф Бек и Томе Темелкоски, костимографијата на Анѓа Миладиноска, а сценографијата и куклите на Јордан Миладиноски.
Поради интересот за претставата, предвидени се и нови изведби. На 21 ноември ќе биде прикажана и адаптирана верзија за лица со оштетен слух.
Со „Снежното кралство“, Танц студио „Зодијак“ уште еднаш понуди сценска приказна за најмладите, во која се спојуваат танцот, музиката и театарската уметност.


