| |

Локалните институции далечни за руралните жени – време е за промена

Жените од селата сè погласно бараат да бидат слушнати! Од четири рурални заедници во Пелагонија, жените јасно порачаа дека сакаат повеќе информации, подобри општински услуги и вистинска шанса да учествуваат во одлуките што ги засегаат. Иако досега биле малку вклучени, голем дел од нив се подготвени да се активираат – само им треба поддршка, обука и повеќе комуникација со локалната власт.

Жените од руралните места во Пелагонискиот регион испратија јасна порака: сакаат да бидат информирани, слушнати и активно вклучени во процесите на донесување одлуки на локално ниво. Ова е главниот заклучок од теренското истражување спроведено од ЛАГ „Агро Лидер“ во рамки на проектот „Гласови од руралните заедници: Зајакнување на жените за локално застапување“. Истражувањето опфати 210 жени од селата Бучин (општина Крушево), Дебреште (општина Долнени), како и Бела Црква и Воѓани (општина Кривогаштани), и имаше за цел да го испита нивото на информираност, перцепцијата за јавните услуги, како и подготвеноста за граѓанска вклученост.

Резултатите покажуваат загрижувачка слика – најголемиот дел од жените се недоволно или воопшто не информирани за работата на локалната самоуправа. Само 16% од испитаничките во Бучин се изјасниле дека се целосно запознаени со комуналните услуги, а во Бела Црква и Воѓани тој процент е 18%. Информираноста за социјална заштита, култура и економски развој е уште послаба. Во Дебреште, само 8% од жените изјавиле дека имаат некакво познавање за буџетот на општината, додека дури 92% рекле дека не знаат ништо во врска со тоа. Сепак, позитивен сигнал е што 78% од нив изразиле желба да научат повеќе, особено за теми што директно ги засегаат, како здравството, социјалната поддршка и локалната инфраструктура.

Иако информираноста е слаба, загрижува и генералното незадоволство – ниту една општинска услуга не доби просечна оценка над 3.0. Образованието е најдобро оценето (3.0), додека економскиот развој и културата се најслабо (2.1 и 2.2). Само 18% од жените некогаш влегле во општинската зграда, а 10% учествувале во некаква општинска консултација. – истакнуваат од ЛАГ „Агро Лидер“

А што се однесува во делот на буџетот, податоците покажуваат дека постои Речиси целосна неинформираност за буџетот. Само 9% од анкетираните жени знаат дека општината има свој буџет и колкав е. Истовремено, дури 78% изразија интерес да дознаат повеќе, особено за тоа каде завршуваат јавните пари. Ова го нагласува потенцијалот за зголемена буџетска писменост и вклучување преку едноставни, визуелни алатки и јавни форуми.

Ниско учество, но висока волја И покрај ниското тековно учество, интересот за идно ангажирање е голем. Во сите четири општини, над половина од жените изразиле подготвеност да се вклучат во решавање на локални прашања – особено ако добијат соодветна поддршка. Како најчести пречки за досегашната неактивност ги посочуваат: недовербата во институциите, недостатокот на време и чувството на неподготвеност.

Жените би се вклучиле во области како социјалната заштита, решавање на комунални проблеми, поддршка за мали бизниси и земјоделството. Учеството во општински консултации е минимално: 0% во Бучин, 6% во Бела Црква и Воѓани, и 10% во Дебреште. Сепак, две третини од жените изразиле подготвеност за идно вклучување, особено ако добијат соодветна поддршка. Тие би се ангажирале во социјални прашања, комунални проблеми, поддршка за мали бизниси и земјоделки. Најчести пречки за досегашна неактивност се: недоверба, недостиг на време и чувство на неподготвеност.

Но, повеќе од половина од жените од сите четири заедници сакаат да се вклучат поактивно – што укажува на неискористен потенцијал.

Во рамки на истражувањето, жените предложиле конкретни мерки и барања за да се подобри нивната информираност и учество:

• Информативни средби во месните заедници
• Поедноставени материјали за буџет и надлежности
• Контакт-точки или координатори во селата
• Поддршка за женски иницијативи и локални клубови
• Програмска помош за ранливи категории жени
• Јасна, визуелна и достапна комуникација од општините
• Обуки за буџет, надлежности и граѓанско учество
• Микро-грантови и поддршка за женски иницијативи
• Активни женски групи и лидери на терен
• Форумски собири, анкети, инфо-флаери и теренски активности

Овие наоди се јасен повик до општините Долнени, Крушево и Кривогаштани за поинтензивна теренска комуникација, зголемена транспарентност и структурна поддршка за женското учество. За да се искористи потенцијалот на жените како двигатели на локалниот развој, потребно е системско отворање на институциите кон нивните потреби и иницијативи.

Од ЛАГ „Агро Лидер“ велат дека кога жените се информирани и вклучени, се подобрува и квалитетот на локалните услуги и се зајакнува довербата во институциите. Потенцијалот е тука – потребна е само волја да се искористи.

Слични Објави