Погрешна дијагноза и смртен исход- Петмина лекари од битолската болница обвинети за несовесно лекување на 40-годишна пациентка која починала
Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против петмина лекари-интернисти од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“, кои ги товари за тешки дела против здравјето на луѓето поради, како што наведува Обвинителството, несовесно лекување на 40-годишна пациентка, која подоцна починала.
Обвинителниот предлог е поднесен по спроведена претходна постапка и обезбедени докази. На лекарите им се става на товар кривично дело од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Случајот се однесува на периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година, кога 40-годишната пациентка се лекувала на Одделот за интерни болести во битолската болница.
Според обвинението, пациентката во болницата дошла по претходен преглед и упат од матичниот лекар, кој изразил сомнение за тромбофлебитис, односно воспаление на вените.
Но, Обвинителството тврди дека при првичниот преглед на интерното одделение не биле направени целосна анамнеза и детални анализи. Наместо сомнежот за тромбоза да биде дополнително испитан, била поставена дијагноза ревматоиден артритис, по што пациентката добила терапија и била пуштена на домашно лекување.
Според обвинителството, со тоа не била навремено утврдена вистинската здравствена состојба, односно не била откриена и дијагностицирана тромбозата и не била дадена соодветна терапија.
Во обвинението се наведува дека на тој начин била пропуштена можноста за навремено откривање и лекување на тромботичниот процес, како и за спречување или ограничување на неговото понатамошно напредување.
На 1 јуни 2024 година, пациентката повторно побарала медицинска помош во битолската болница. Овојпат, според обвинението, дошла со силни болки во стомакот и значително влошена општа состојба.
Била хоспитализирана, но Обвинителството тврди дека во следните четири дена, и покрај абнормалните лабораториски и биохемиски наоди, не биле преземени дополнителни дијагностички испитувања со кои би се утврдила причината за влошувањето и би се определила соодветна терапија.
Според обвинението, нејзината здравствена состојба продолжила значително да се влошува.
Попладнето на 4 јуни 2024 година, пациентката побарала помош во приватна клиника во Скопје, каде била примена во тешка општа состојба.
При итно извршениот хируршки зафат, според официјалното соопштение на ОЈО Битола, била констатирана тромбоза на горната и долната мезентерична артерија, со целосна гангрена на тенкото и дебелото црево.
Состојбата во тој момент, според обвинителството, веќе била неоперабилна.
Пациентката починала на 5 јуни 2024 година.
Клучниот навод во обвинението е дека со навремено препознавање на состојбата и соодветно дијагностицирање и лекување можело да се интервенира во текот на тромботичниот процес.
Обвинителството тврди дека пропустите во првичниот преглед, поставувањето на друга дијагноза и отсуството на дополнителни дијагностички испитувања по повторната хоспитализација придонеле за влошување на состојбата, која на крајот довела до смртен исход.
Важно е да се нагласи дека обвинителниот предлог претставува обвинение, а не правосилна судска одлука. Одговорноста на обвинетите лекари ќе се утврдува во судска постапка.


