| |

Рамноправноста на жената денес

Според извештајот на Светскиот економски форум (СЕФ), жените и мажите може да имаат еднакви плати и можности за напредување на работното место. Но со моменталното темпо, за околу 200 години од сега. Во изминативе години, јазот на економски можности – плати и напредување на работното место се намалува само за нијанса од година во година.

Жените заработуваат околу 20% помалку од мажите поради недоволните можности за напредување. Особено изразен е јазот меѓу мажите и жените во политиката.

Според родовата рамноправност, Србија е на 38 место, Македонија на 66, Хрватска на 59, БиХ на 62, а Црна Гора на 69 место.

Меѓународниот ден на жената се одбележува секоја година на 8 март како ден за борба за рамноправност и економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

Идејата за одбележување на Меѓународниот ден на жената потекнува од почетокот на 20 век, со особено инсистирање од страна на социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената беше одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Првата меѓународна конференција на жените беше одржана во Копенхаген во 1910 година под закрила на Втората интернационала, на која беше одлучено да се прославува Меѓународниот ден на жената, без да биде утврден точен датум. Во 1911 година, на 19 март, овој празник беше прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година, жените ширум Европа одржаа мировни собири.

Модерните демократии го почитуваат својот капацитет да обезбедат еднаквост за сите граѓани, независно од возраста, полот, религијата и етничката припадност. Но, сите општества мораат да се справат и со прашањето на родова еднаквост – што претставува еден долготраен процес. Креирањето на родово сензитивна политика најдобро се постигнува преку еднакво учество на мажите и жените во процесот на креирање на политики. Ова се поврзува со концептот на давање моќ на жените, „од долу нагоре“ (bottom-up) процес за трансформација на односите на моќ меѓу половите. Крајната цел на давањето моќ на жените е за самите жени да бидат активни двигатели на промената.

Нагласувањето на разликите меѓу правата на жените на сопственост и наследство според географската локација е многу важна. Додека перцепцијата за урбаните средини е дека се далеку поразвиени, на руралните средини секогаш се гледа како на помалку „ориентални“. Онаму каде патримонијалниот систем е најсилен, претпоставката е дека руралното население е помалку образовано. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека жената е подобра во поглед на терцијарните професии кои се тесно врзани со урбаните средини, додека полошо се снаоѓаат во руралните области. Според истражување од Сојузот на организациите на жените во Македонија, правата на жените на сопственост и наследство во руралните средини се на многу ниско ниво. Во руралните средини постои длабоко вкоренет патримонијален систем на вредности во кој улогата на мажот е неоспорна. Покрај тоа што доминираат во процесот на одлучување во семејството, мажите се сопственици на земјата, куќата и механизацијата.

„Новиот традиционализам“ кој произлезе по распадот на Југославија, како форма на враќање на ултра мажествената култура, како „култура на патриотизам“, ги фрли родовите права во длабока сенка. Ова е поддржано од општото намалување на вредностите и преокупирањето на медиумите со „големи приказни“.

Тука, како значаен проблем, е недостатокот на решавање на проблемите на малтретирање и миноризирање на жената, во секој поглед, од прашања за наследство на семејна сопственост, до насилство во бракот и семејството. Сепак, неуспехот на институциите и систематското одвраќање на жените да одговорат е проблем за кој не постои лесно решение.

Проблемот е во културата на „тишина“ на жената, која воспостави јавни модели на општествено „прифатлива жена и девојка“ според стандардите на мажите, а се прифатени од жените, бидејќи во мали средини нема никаков спротивен став и дискусија.

Поради ова, главниот проблем е недостатокот на јавна дебата за родово сензитивни прашања кои би можеле да се наречат „внатрешни“ или „соседни“, кои би биле доволно видливи и евтини за да бидат остварливи и одржливи.

Втората димензија на главниот проблем е недостатокот на локални лидерки на мислење и недостатокот од јавен притисок врз институциите за заштита на правата на жените, барем за оние кои се законски кодирани.

Девојки и жени, останува уште многу работа, и мора заедно да делуваме и да се поддржуваме за нашата цел! Треба свесноста да ја подигнеме на повисоко ниво, а не да тонеме во медиокритет.

Слични Објави