Прилеп добива четири минибуси и продолжено работно време за угостителите за време на театарскиот фестивал
Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа 61-та итна седница со две важни точки на дневниот ред. Советниците едногласно ги усвоија предлозите за продолжување на работното време на угостителските објекти за време на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и за прифаќање на донација од четири минибуси.
Првата одлука предвидува угостителските објекти во градот да работат два часа подолго од вообичаеното во првите три дена од фестивало,т согласно одлуката, во деновите 6, 7 и 8 јуни, со цел да се овозможи подобро искуство за гостите и посетителите на овој значаен културен настан.
Втората точка се однесуваше на прифаќање на донација од ДТУ „УНИПРОМЕТ НМ“ ДООЕЛ Скопје. Станува збор за донација од четири минибуси, во вкупна вредност од 104.000 евра во денарска противвредност. Возилата, по спроведување на законската процедура, ќе бидат доделени на трајно користење на Јавното претпријатие за просторно и урбано планирање – Прилеп, кое стопанисува со јавниот градски превоз во општината.
Донацијата претставува значаен придонес за унапредување на квалитетот на јавниот превоз во Прилеп. Откако беше испратено писмо со намера од страна на донаторот до градоначалникот, на кое беше позитивно одговорено, со денешната одлука на Советот е направен првиот формален чекор во процесот на реализација.