ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА НЕСТАБИЛНО ВРЕМЕ
Центарот за управување со кризи (ЦУК) доцна вечерва излезе со соопштение во кое предупредува на значително влошување на временските услови, повикувајќи се на најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според УХМР, во текот на ноќта и утрешниот ден се очекува нестабилно време проследено со обилни врнежи од дожд, грмежи, силен ветер и локална појава на град.
Во западните делови на државата во текот на ноќта се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 20 l/m²), а во текот на утрешниот ден локално и над 30 l/m². На повеќе места се очекуваат поројни врнежи, грмежи и краткотрајно невреме проследено со силен ветер, електрични празнења и услови за изолирана појава на град.
Во Полошкиот регион, како и во источните и североисточните делови од државата, ќе дува засилен до силен ветер кој локално ќе достигнува брзина до 60 km/h.
Во Скопје, во текот на ноќта и утрешниот ден се очекуваат врнежи од дожд, а во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со силен ветер, грмежи и локална појава на град.
Според прогнозата на УХМР, од вторник следува период на претежно стабилно и потопло време.


