|

Тутунот и уметноста – Прилеп центар на инспирација

Некој би рекол, тутунот е тесна рамка за да говориме за уметноста, но тутунот не е само „некакво растение“. Tој има способност околу себе да создава духовна, а со тоа и уметничка сфера. Тутунот може да го проучуваме низ сенката што ја фрла на уметноста, каде е мотив и инспирација.

Нема друго место, каде по глава на жител има толку многу тутун, како во Прилеп – едно од првите места во Отоманската Империја, каде во далечната 1573година е засаден. Прилепската почва и клима „не го убила“ тутунот туку го одомаќинила.

Истото се случува со уметниците во Прилеп. Нема друго место каде, по глава на жител, има толку многу вредни уметниции толку многу уметничка продукција. Најголем број од прилепските уметници растеле од и со тутунот и преживеале, но се отселиле оттука. Прилеп е уметнички центар, но само по место на раѓање. Тутунот тука се приспособил, уметниците – не!  Можеби заради тоа се толку добри, кој знае?

За среќа, задачата на Каталогот на Ликовната збирка на Научниот институт за тутун и Музејот за тутун, кој го изработи НУ Завод и Музеј – Прилеп во 2024 година, преку своите вработени Александар Цветкоски и Паре Зареска, е само да ја претстави оваа Ликовната збирка, а не да објаснува заради што тутунот останал, а уметниците – не!

Истото тоа било направено во 1973 година, кога е формиран Музејот за тутун, а сме прославувале 100 години на Тутунскиот Комбинат – Прилеп, на најубав начин, преку Ликовна изложба, каде тутунот е мотив и инспирација, каде цел прилепски, а во суштина, македонски уметнички „крем“ донел свое дело. Овие автори се никулци на севкупното ликовно творештво во Македонија. Голем дел од тие дела се експонати на Ликовната збирка на Музејот за тутун.

Сега тоа го направивме за да го прославиме 100 годишниот јубилеј на Научниот институт за тутун.

Музејот за тутун го објаснува тутунскиот феномен, сега и низ историјата, низ уметноста на занаетчиите, но и на уметниците, па затоа говори и за историјата на уметноста во Прилеп, преку нашите уметнички дела.

Оваа збирка поседува и многу дела од други автори, кои не се Прилепчани и тоа не само ликовни дела, туку и скулптури, уметнички плакати, стари и ретки графики, макети од куќи, уметнички каширани фотографии, ретки и стари книги, па дури и од XVII век.

Во каталогот, покрај историјатот на уметничките занаети и ликовниот ангажман, кој е инспириран од тутунот – во светот, доловено е и влијанието на „тутунската судбина“ на Прилеп врз уметноста, клучните моменти од локалниот уметнички развој и клучните личности – кои се пресудни за таквиот развој, а дадени се и опишани делата на: Александар Иваноски – Карадаре, Борис Николоски, Миле Корубин, Ачески Ѓорѓи, Илија Миноски, Ангеле Иваноски, Вангел Коџоман, Методија Иваноски – Менде, Слободан Михајлоски – Данче, Благоја Богески, Стеван Василески, Ристо Мијакоски, Рубенс Корубин, Васил Костов, Реџаи Исени, Гегоски Кирил, Киро Караџа, Манески Јордан, Трајче Николоски, Гоце Божурски, Тане Атанасовски – Гарски, Христоски Илија, Николо Славин, Константин Подушкин, Нобиа Абе,  Ко Јамане, Атанас Ристески – Пембе, Алберт Хенри Пејн, Adrian von Ostade, William Hogarth, Hubner Carl Wilhelm, Lavoignat, B. Picard Delineavit, Franc von Defreger, Bartholdy Jakob Ludwig Salomo, A. Ostade.

Со убав и современ графички дизајн, со 3 тврди корици, каталошка и научна обработка на податоците, луксузно спакуван и наменски отпечатен да одбележи многу важен 100 годишен јубилеј на НИТ, Каталогот на оваа ликовна збирка, која е веќе прогласена за културно наследство од прв ред, претставува фино презентирано сведоштво за Прилеп и Македонија, каде стотките „им лежат“ на Прилепчани.

Слични Објави