„Црнила“ гостува на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица

Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, ќе гостува на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.

Претставата ќе биде изведена на 13 септември, во 19:30 часот, во рамки на завршницата на годинашното фестивалско издание, на кое традиционално се доделува наградата за најдобар актер.

Струмичката публика ќе има можност да ја проследи „Црнила“ – претстава со силна симболика и актуелна порака. Драмата на Коле Чашуле е дело што не старее, а авторот се смета за еден од творците на современиот македонски драмски јазик.

Во режисерската поставка на Дејан Пројковски, „Црнила“ прераснува во актерска и режисерска исповед и отвора дијалог за поделбите, за нивните последици и за потребата во одредени историски моменти да се изгради заеднички став.

„Црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите“, истакнува режисерот Дејан Пројковски, нагласувајќи ја современата релевантност на делото.

Драматург е Лидија М. Ѓорѓиевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Папучевска, музиката на Горан Трајкоски, а автор на дизајнот на плакатот е Сергеј Светозарев.

Во претставата играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски и Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.

Слични Објави