|

Нови археолошки наоди во „Старо Бонче“ – Општина Прилеп работи на подобра туристичка презентација на локалитетот

Археолошкиот комплекс „Старо Бонче“ повторно е во фокусот на истражувачите, откако во изминатите десетина дена на локалитетот интензивно се спроведуваат систематски археолошки истражувања.

Локалитетот го посети градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој се запозна со текот на истражувањата и досегашните наоди на археолошкиот тим од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет, предводен од проф. д-р Антонио Јакимовски, во соработка со Заводот и музеј – Прилеп и археолозите Душко Темелкоски и Оливера Јандреска.

Особено внимание привлекуваат истражувањата на едно од фронталните паноа, каде што се откриваат остатоци од погребувања кои датираат од XI и XII век. Според археолозите, овие наоди се значајни за разбирањето на континуитетот на користење на просторот, бидејќи упатуваат дека локалитетот имал култен карактер и бил место на почитување и во средновековниот период.

„Старо Бонче“ е локалитет од исклучително археолошко, историско и културно значење, истакна градоначалникот Проданоски, посочувајќи дека кралската гробница со своите импозантни димензии, архитектонски елементи и специфичната положба на падините на Селечка Планина претставува значајно сведоштво за богатото наследство на овој простор.

Кралската гробница, за која се претпоставува дека во неа бил погребан пелагониски владетел од IV век пред нашата ера, претставува еден од најзначајните археолошки потенцијали на прилепскиот регион.

Проданоски нагласи дека Општина Прилеп ќе продолжи да ги поддржува археолошките истражувања, заштитата и афирмацијата на културното наследство.

„Наша обврска е да помогнеме овие вредни сведоштва од минатото да бидат истражени, сочувани и претставени пред јавноста, но и да создадеме услови „Старо Бонче“ да го добие заслуженото место на мапата на значајните археолошки локалитети“, порача градоначалникот.

Во таа насока, Општина Прилеп веќе работи на проект за изградба на локален пат на релација с. Бонче – с. Старо Бонче – с. Подмол, како и на рехабилитација на пристапниот пат и уредување на пристапот до кралската гробница.

Паралелно со подобрувањето на пристапната инфраструктура, во наредниот период се планира поддршка на постапката за изработка на основен проект за конзервација, реставрација и делумна реконструкција на културното добро, со што би се создале услови за негова соодветна заштита и постепено отворање кон посетителите.

Од Општината посочуваат дека целта е „Старо Бонче“ да прерасне во препознатлива точка на културно-туристичката понуда на Прилеп, со подобра пристапност, заштитено археолошко наследство и соодветна презентација пред домашните и странските посетители.

Со поврзување на археолошкиот локалитет со останатите културно-историски знаменитости во регионот, „Старо Бонче“ може да добие значајна улога во развојот на културниот туризам и во афирмацијата на Прилеп како дестинација со богато и повеќеслојно историско наследство.

„Само ако го познаваме и чуваме минатото, можеме со гордост да ја градиме иднината“, порача Проданоски.

Слични Објави