КОГА ТРОТОАРИТЕ ЌЕ ИМ СЕ ВРАТАТ НА ПЕШАЦИТЕ? Прилепчани алармираат: Мајките со колички и лицата со инвалидитет принудени да ризикуваат животи по коловозите
„ОСЛОБОДЕТЕ ГИ ТРОТОАРИТЕ!“
Секојдневното движење низ улиците на Прилеп за огормен дел од граѓаните претставува вистински тест за преживување. И покрај бројните апели, ветувања и најави за сообраќаен ред, реалноста на терен за пешаците останува непроменета – тротоарите низ целиот град се претворени во диви паркинзи.
Револтирана следачка до нашата редакција испрати фотографии кои јасно ја отсликуваат состојбата на прилепските улици: автомобили паркирани до самите ѕидови на зградите и куќите, целосно блокирајќи го пешачкиот простор.
Со колички по сред улица – Секојдневно маневрирање меѓу автомобили
Најголемиот товар и ризик од овој хаос го носат најранливите категории граѓани – мајките со бебешки колички и лицата со инвалидитет. За нив, одот низ градот не е обично движење, туку вистински сообраќаен кошмар.
„До кога мајките со колички и граѓаните во инвалидски колички ќе се борат во Прилеп со овој хаос? До кога ќе возат по главните улици, молејќи се во секој момент да не се случи незгода? Не е само овде случај, од вакви примери може да се направи албум за Гинисов рекорд само од прилепските улици“, порачува револтираната прилепчанка.
Кога тротоарот е заземен од возило, родителот е принуден да ја турка бебешката количка директно на коловозот, меѓу автомобилите што се движат. Во уште потешка и побезизлезна ситуација се лицата што користат инвалидски колички, за кои секој висок ивичнок и блокиран тротоар значи целосна бариера за нормално функционирање.
Сообраќајната некултура на поединци, во комбинација со недостатокот на континуирана заштита на пешачките зони, ги претвора секојдневните обврски на овие граѓани во постојана опасност по нивниот живот.
Напис од 21 март 2025: Ветувањата од состаноците останаа само на хартија
Овој проблем не е нов за прилепските власти. На 21 март 2025 година, нашиот портал објави информација под наслов „Акција: Тротоарите ги враќаме на пешаците!“, каде што беа најавени координација и строги мерки за решавање на хаосот.
Во тогашниот напис беше наведено:
„Тротоарите се наменети за безбедно и непречено движење на пешаците, а не за паркирање на возила! По одржаниот координиран состанок помеѓу градоначалникот на општина Прилеп, претседателката на Советот, ЈП за ПУП и претставници на ОВР Прилеп, од 24 март започнуваме една недела само со известување до возачите, а потоа ќе следуваат и соодветно пропишаните санкции за сите непрописно паркирани возила на тротоарите каде што нема обележан паркинг простор и на пешачките зони. Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет! Да ги почитуваме правилата за поуреден и безбеден Прилеп! Апелираме до сите возачи да покажат свесност и одговорност. Тротоарите се за пешачење – не за паркирање!“
И покрај најавената соработка меѓу Општина Прилеп, ЈП за ПУП и ОВР Прилеп, известувањата и најавените казни, состојбата на терен поминатото време покажува дека акцијата немала долгорочен ефект.
Кога конечно тротоарите ќе им се вратат на оние на кои им припаѓаат?
Граѓаните со право реагираат дека декларативните апели и повремените контроли не го решаваат системскиот проблем. Потребни се постојани сообраќајни патроли, поставување физички препреки (заштитни столбчиња) и построго санкционирање за да се ослободат тротоарите.
Прашањето до надлежните институции останува исто: Кога Прилеп конечно ќе стане безбеден град за пешаците, каде што мајките со колички и лицата со попреченост нема да го ризикуваат сопствениот живот за да стигнат од точка А до точка Б?


