„Љубење со стихови“ по осми пат пред прилепската публика
На 3 септември, четврток, со почеток во 20 часот, на платото пред Градскиот саат во Прилеп ќе се одржи осмото издание на поетскиот перформанс „Љубење со стихови“, во кој поетите Филип Димкоски и Лина Димоска повторно ќе ја спојат поезијата со нејзината сценска интерпретација.
Како што веќе е навикната прилепската публика, и овојпат од грлата на нивните сограѓани ќе прозвучат авторски стихови на Димкоски и Димоска, но и избор од поезијата на значајни македонски поети од повеќе генерации.
Во рамки на перформансот ќе бидат интерпретирани стихови од Кочо Рацин, Блаже Конески, Светлана Христова Јоциќ, Анте Поповски, Славко Јаневски, Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај, Јован Котески, Петре М. Андреевски, Трајан Петровски, Тихомир Јанчовски и Вања Изова Велева.
„Поезијата, а особено нејзиното сценско изведување, малку и ретко е застапена на домашната уметничка сцена. Тој факт, како и нашата страст кон јавното интерпретирање на стиховите, беше иницијална каписла за создавањето на ‘Љубење со стихови’, кое, еве, три години подоцна, го доживува своето осмо издание. Секој нов настан за нас е предизвик, одговорност, но и радост заради позитивната повратна реакција од публиката“, велат поетите Филип Димкоски и Лина Димоска.
„Љубење со стихови“ низ своите изданија прераснува во препознатлив културен настан кој ја доближува поезијата до публиката и ѝ дава можност на сцената да се почувствува нејзината сила, емоција и убавина.
Настанот е во организација на Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ – Прилеп, а се реализира со поддршка на Општина Прилеп и кафулињата Чоше и Носталија.
Прилепчани во четврток ќе имаат можност уште еднаш да уживаат во вечер исполнета со стихови, емоции и љубов кон поезијата.


