Партиски (д)ебати
Започнаа партиските (д)ебати!? Не нѝ престанаа, всушност. Борбата е константна, не престанува, еве веќе 30 години и вистинска енигма е како нема сериозни нови партии, со сериозна агенда, нови центри на моќ, нови интелектуални кружоци и асоцијации базирани на владеењето на моралот, знаењето, законитоста, нови и несомнени лидери на мислење… Има нешто многу покоренито, од желбата за моќ. Не може да нема, кога толку многу „дрма“. Нешто во нас – самите…
Иако постојано гледавме дебати по тоа телевизиите, а последните десетина години и по социјалните медиуми, ништо освен „ебати“, не видовме. Беспоштедна борба – секој со секого, група со група, етнос со етнос, вера со вера, колега со колега, НВО со НВО, телевизија со телевизија. Нема дебати, има „ебати“… партијата, струката, знаењето, одлуките, правото и правдата, кандидатот, чесноста, патриотизмот…
Ликвидација другога!
Ајде за партиските (д)ебати, можеме и да сфатиме. Криминалниот колач е толку голем, што повеќе се исплати да бидеш министер во Македонија, отколку канцелар во Германија, да не говориме да бидеш директор на тоа државната агенција за патишта. Голем криминал – голема борба за власт. Тоа не е спорно.
Мошне е разбирливо и дискредитирањето наместо да имаш сопствена агенда и базирани ветувања. Дискредитирањето е лесно во вакви држави, каде никој не бара факти и никој не реагира во одбрана на другиот, зошто нема следбеници, туку трабанти. Но ветувања?
Што ќе вети морон, после 10 или 20 години аргатување во стерилна средина како партија? Кој му кажал, кога сите околу него се морони на квадрат? Кај бил, кај видел, што видел и што сфатил? Тие и светот да го поминат со кралска свита, ништо ниту ќе видат, ниту ќе сфатат. Тие сѝ го носат затворот под кожа, а на очите имаат перде од сељаштво и варварство.
Мислите Хуните и Вандалите, кога доаѓале до Рим, можеле да видат државен систем, камени улици, канализација, велелепни згради и цивилизација, кога напаѓале на Ромеите или на Римјаните? За нив сето тоа било феминизирано, „педерски“, немашки, како изговор за пљачкање и палење. Што не можеш да украдеш или однесеш со себе – запали! Тоа било правилото, затоа што тоа им биле вредностите, тоа им гледале очите и слушале ушите, тоа им чувствувала душата: да убиеш секого, кој не е под тебе или го гледаш поинаков. Ниту Словените не биле далеку од ова, кога доаѓале во новата „татковина“, која ја палеле и жареле до „исчистување“ од сè цивилизирано. Исти биле крсташите, конквистадорите, колонизаторите, трговците со робови… Ем цивилизирани, ем примитивни. Времиња, нели?
Дали „пораснале“ и престанале? Нѝ под точка разно. Единствено, развиле стандарди, затоа што сфатиле дека без стандарди и внимавање на нивното исполнување „го викаат ѓаволот на вечера“. Уште од Рим и Цариград – болно и крваво сфатиле, но како? Откако се обогатил мал дел од населението, односно перверзно се обогатиле, им дошло дека сето тоа ќе го изгубат, ако не обрнат внимание на Вандалите. За нив се вандали сите кои можат да им „почукаат на врата“ со кундак, а такви се и полицајците и војската, кои не мора да ги бранат токму нив – по секоја цена. Бранат додека им е исплатливо, па преминуваат на страна на „народот“. Што е „народ“, ќе одлучи главниот вандал, во својата дивјачка семоќ. Полицијата и војската е дел од тие – кои ги крадат и лажат, значи и тие се потенцијални вандали.
Спас? Стандард, се разбира: повеќе закон, повеќе плати, поправично судство, силна инфраструктура, бесплатно школување… Со други зборови „Сè што треба за вандалот да не вандализира“! Точно разбрале дека процедурата е страв од смртта, затоа што против виталниот, упорен, бесрамен, брутален, нехуман, и прост вандалот не можеш ништо, па барем, кога се гледа дека е јак и ќе владее или завладее, да го „пропуштиш“ низ процедури, за малку од малку да се цивилизира и еманципира, да прогледа малку подалеку од носот и „да се прими“ барем на најниската форма на ред и закон, не заради вас, туку заради себе, оти ќе биде власт и не може да владее долго без ред.
Ете токму тоа е разликата меѓу дебати и ебати, да го научиш вандалот дека мора да го одложи мачот, да престане да пени од уста „дај ми само 3 дена власт, па…“, дека не може 4 години да биде најнизок вандал, кој мора да украде сè што ќе допре и да се надева дека ќе добие избори повторно, дека е преголема и долгорочна штетата што ја нанесува со тие (д)ебатери, кои мораат да ги правдаат неверојатните криминали, пустење и моронизми, од исти такви, кои мораат да ги напаѓаат и сувото и суровото, заборавајќи дека биле исти такви нископрофилни вандали. Долго време тоа успевало (не само кај нас) и вандалите ги култивирале. Погледнете ги минатите владетели во светот, големите професорски имиња, лидерите на големите партии… во деведесеттите и споредете ги со сегашните!
Но, вандал не би бил вандал, ако не смисли како и тоа да го сруши. Процедурата му е душманот.
Од тие причини, не е ова само меѓупартиска борба. Тоа е издајништво од највисок вид, поголемо и од имиња и презимиња и од криминали и од ЕУ и од НАТО.
Имено, за да имаш ебати наместо дебати, мораш да имаш спремни лидери на мислење во задникот – ѓоа независни, а што може да биде понезависно од универзитетите. Така, партијата на власт (која и да е) мора и раководствата на универзитетите да ги „произведе“ партиски, наместо „да ги чека пораснати“. Значи, им требаат вандали, кои ќе станат професори, а потоа и раководители. Им требаат сомнителни ректори, сопственици, декани, професори за нови универзитети, по вкус на партии и криминалци. Нели се случи таква операција после 2000 година, која не престана до сега? Тие ќе имаат задача да произведуваат нови неписмени кадри и што посомнителни професори, да ги уништуваат разумните процедури со нови – сложени и нелогични, да ги демотивираат надарените и вредните. Резултатот е јасен: медиска маскарада од ефтини преоблечени вандали ебатери, кои правдаат и напаѓаат во корист на врвниот вандал, под професорска и експертска заштитна марка. Моралот им е мивка, етиката лукавштина, естетиката им е ботоксна, а знаењето „ко за двојче“. Тоа на партиските вандали „им брка работа“, но последиците се поевидентни и страшни: произведени генерации квазиинтелектуалци од вандалски вид, исселување на „лошите производи од образованиот процес“ (паметните и способните), лидерството околу негативна нула, а националната самопочит – уништена.
Значи, драги (д)ебатери, вие кои не сте директно во политиката, кои се нарекувате независни, а кои одработувате за партиите, вие кои не сте ниту инволвирани во политика, но сте дошле „ниту криви – ниту должни“ за професори и ве користат како „полнетица“ меѓу кнауфите од нископрофилни идеи, а и вие „експерти од не знам која причина“, кои сте во пресреќна љубов со тоа смешно – трагичните медиуми и собирате најмногу до 2% од националниот медиски шер (релевантни сте колку за риба мотокултиваторот), среќни да вѝ се вашите медиски (д)ебати, на кои ниту нешто важно, ниту нешто ново, ниту нешто современо, корисно, научно и иднински сте кажале и наздравје самозадоволството што сте биле мудри и сте инвестирале во својата идна кариера со итарпејовската самоцензура.
Лане Гутовиќ велеше во поздравот кон оние на кои се однесувале неговите пораки, поточно, на оние кои не заслужуваат аргументирана проценка, туку единствено пародичен и метонимиски патос: „Де били и небили…“ (кај и да сте или не сте). Некако тоа „де били“, тој го изговараше во едно „дебили“ – не били (дебили, да ве немаше).
Александар Цветкоски