НЕРЕШЛИВИОТ „РЕБУС“


Пишува, Даниел Станојоски

Во последно време се запрашувам во овие мрачни рутини на опстојување и егзистенција како човечки битија, во услови на морална дискутабилност, кога личниот интерес, квазиинтелектуализмот, моралната неодговорност, селективната правда и пристрасноста се на површина и го дизајнираат ова сивило на безнадежност, дали вреди истакнатиот општествен став да се преточува во колумни, или текстуални содржини со посебен осврт кон актуелни општествено – политички (крупни?) прашања. Зошто тоа го зборувам, односно се запрашувам? Па, тргнувам од една појдовна точка – во поглед на глобална сцена каде што сѐ уште е нерешен „ребусот“ – односно прашањето дали светот е биполарен или поларен (и тоа, не обично прашање, туку прашање со констатација, хм..). Не навлегувам подетално во разглобување по дефиниција на овие два поими и нивното поимно определување, но, ќе се обидам да направам компаративна анализа, како тоа поразително се рефлектира во зачмаени; ретроградни системи – општества. На геополитичка сцена, експлицитно видливи се поделбите кои ја опишуваат ситуацијата во која две големи сили – блока на држави доминираат со светскиот поредок и демонстрираат моќ преку малите држави (САД и Русија).

Таа двојна хегемонија (или, биполарност), каде светот е политички, воено и идеолошки поделен помеѓу два центра на моќ, секоја од двете сили има свои сојузници и сфери на влијание. Е, сега, тука суштинскиот елемент, каде од моја гледна точка, ќе се „втурнам“ (по)концизно да доловам зошто малите држави се принудени да се приклонат кон едната или другата страна, или се обидуваат да бидат „неутрални“ (како Движењето на неврзаните). Балканот отсекогаш имал многу низок менталитет, средина – упориште каде што преовладува голем примитивизам и малограѓанштина што, само по себе говори дека е лесен за манипулирање и магнет во промовирање на евтин популизам и екстремен национализам, па затоа, биполорноста како тема во колоквијалноста е наелектризирана и во јавниот дискурс. Де факто е, тоа што, сѐ повеќе гледаме експанзија на погрдни зборови едни кон други. Таа зајадливост шири ирационална омраза на внатрешно ниво, меѓу оние оние кои поддржале една од овие суперсили – а, паралелно на тие збиднувања се распламнува антагонистичкиот наплив на омраза. Одлика на сето ова е продлабочувањето на „расплетот на околности“, со еднодимензионални претпоставки, без поткрепа на факти, аргументи и релевантни информации. За здраво и зрело општество е потребна конструктивна критика, а не „критика“ (читај хејт), на она што е (во)главно спрема сите параметри е авангардно за позитивна промена.

Искрено, не сум преферирал да се занимавам и да пишувам темелно по однос на оваа предметна тематска дискусија, ниту пак имам „афинитети“ „да кршам клечки“ – бидејќи, не сум доволно поткован (јас така се чувствувам), или да важам за некој си „експерт“ за геополитички прашања. Сепак, контекстот ми е да направам еден „колаж“ од последиците, но и, импликациите од овие моќни влијани кои ужасно ја експлоатираат размислата на дел од граѓанството во девастирани и сиромашни средини. Со оглед на тоа, тука не треба да се занемари и подемот на вештачката интелигенција која енормно расте и навлегува со силен интензитет во сите пори (секако, тоа го говорам и со своите нејзини позитивни преференции и од перспектива на добри, полезни и корисни страни). Сведоци сме на сѐ на повеќе расадници од самодекларирани и самонаречени експерти – или, како што милуваат да се нарекуваат „верзирани“ интелектуалци. Провејува тезата на одредени профили на такви персони низ медиумскиот амбиент кои, непосредно вршат хипноза и дисеминација на темата, ставајќи ѝ импулс и тежина на меѓународната пропаганда и наратив; формулирајќи го ребусот: или сме со Русија, или со Америка, друга опција нема!? Или, во народски жаргон: трето нема.

Нејсе, општо познато и, генерички, на политичката сцена во Р(С) Македонија имаме биполарност со години, иако во повеќе наврати се креирале т.н. „современи Агенди“ мислејќи и надевајќи се дека ќе ја совладаат оваа монолитна (ко)релација, што, за жал, завршило со неуспешен епилог. Зошто е тоа, така, затоа што, пак ќе потенцирам и апострофирам, светот е биполарен! – да не се бавиме со демагогии и дневно – политичка популистичка реторика умешно завиена со национал – шовинистичка позадина (така мислам јас, па, кој сум да дефинирам и да давам моја оценка по однос на тоа!?).

Да се пишува автентично, да се твори, да се креира, да се произнесува тоа што го кажува посредно душата, не е мала работа, ниту па, лесна. Сè се стекнува со напорен труд, преку максимална посветеност, а следствено на тоа искуството е тоа што го заокружува овој макотрпен процес. Имено, искуството во професионалната дејност може да ти помогне многу, односно да го олесни пристапот, да генерира современи агенси со кои делотворно ќе го трасираш патот кон поголеми и позначајни подвизи. Важноста на креативноста во нашите животи не треба да се потценува. Тоа е она што нè дефинира како луѓе. Секогаш постои ризик, кога создаваме, да сфатиме погрешно или ако не оди добро, или не го создаваме она што го гледаме во нашите умови, но во сето ова има лекции кои можат да нè направат подобри. Во повеќето мои лични консекутивни статии, памфлети, колумни и сл. (каде што, впрочем, имало и неосновани реакции кон мене со ироничен потсмев; вообичено сечило од страна на аристократијата во ова декадентно општество), сум пишувал и сум говорел јавно. Сѐ уште преовладуваат анахроните сфаќања, безобразлукот, инкриминацијата кон личности со морален интегритет, професионален дигнитет и духовен авторитет. Дајте приоритет на вашите страсти: правете го она што ве осветлува, а не она што мислите дека „треба“ да го правите. Бидете искрени кон себе, затоа што, тоа, и по „инерција“, и по дефиниција се нарекува самопочит.

Меѓу другото, воден од моите морално – етички побуди, добив некоја си своевидна инспирација, да напишам (по)обемен текстуален дел, а евидентно ќе се детерминира и завршниот дел на оваа колумна. Тоа, всушност подразбира дека, време е да се засукаат ракавите и да се консолидираат движењата низ курсот кон патот на Евроинтеграциите, бидејќи, целосно е јасно – друга алтернатива за демократски, економски и државен развој нема (и од „конзервативната“ матрица, и од „прогресивна“). Зошто!? Затоа што сервираното од пајнцата ќе почниме да го јадиме без прибор, а приборот е веќе рециклиран од центрите на моќ во некоја мала корпа која на крајот ќе се „потпали“, а кантата ќе се претвори во пепел.

Во математиката постои една фраза, девиза или аксиома (не знам и прецизно како е во делокругот на оваа тешка област), вика: за секоја задача, постои и решение, но, понекогаш решението е ако X е Y, а Y e X (односно, промена на „непознатите“). Всушност, иманентно ако согледаме, тоа би значело дека непознатите се протагонистите на биполарниот спектар кои, немилосрдно го разјадуваат ткивото на здравата свест и разум, апропо, латентно го опструираат напредокот и ја одржуваат „статус кво“ позицијата на Балканската платформа која со години не може да мрдне од репресијата и авторитарноста манифестирана и диктирана од страна на политичките субјекти.

Вo „словото“ на цивилизацијата, постои еден универзален постулат кој е напишан со „затемнети“ букви, а кој гласи:

„Ако не сакаш да напредуваш – никој не може да ти помогне.

Ако си одлучил да напредуваш – никој не може да те запре“.

Кога општеството запаѓа во тешкотија, си ја мие совеста, персонализирајќи ја вината.

Слични Објави