|

Инспекторите, кои ги нема, никако да влезат во стратегијата

Ќе се носи стратегија за развој на СРМ, пардон РСМ и тоа за 20 години,  па планерите ги повикале градоначалниците да сѝ ги кажат маките, за да ги пишат во нивните стратешки писанија. Аферим, убаво. Не побарале системски документи, погодни за планирање, туку директ на муабет.

Но, што ако ги викнале, кога не ги слушаат. На таквата средба 5/6 од времето ќе даваат воведи, колку било важна таа стратегија, а 1/6 време слушаат, запишуваат, па го даваат на „задолжениот“ – екологист по струка, кој записниците уредно ги фрла во контејнер наменет само за хартија. Тоа ти е еко – свест. Ова е стил поставен уште од Забрчанец и Маричиќ и ептен функционира, но не е нивни изум, туку на последниот вемереовски шеф на антикорупциска комисија, во соработка со „карамбол“ заменскиот министер Димче бегалче. Амин!

Иако со години и поголемите, а камоли руралните општини, мака мачат со недостаток или „0“ инспектори, те комунални, те градежни, те еколошки, било која централна власт тоа не го гледа како податок за планирање и менување.  Градоначалниците „перат пелени“, а владите фрлаат хартии во еко – контејнерот. За нив не е за размислување оти не само што нема инспектори, не само што му прават неподносливи услови и на оние што сега ги имаме и кои сакаат да останат чесни и да не бидат партиски мифки, туку нема ниту да ги има, затоа што кој е будала да работи за мали пари и да се „замерува“ со луѓето. Но, ако е партиско апаратче – нема проблем. Таквите и онака жестоко ќе го наплатат инспекторлукот, под капа на партијата. Но во руралните општини ниту тоа не може, затоа што секој – секого знае, а властите се менуваат, нели?

Главно, владиниот записничар со таму некое петпаречко факултетче, на кое бил цели 3 пати, а дипломата стасала по пошта, ќе сфати дека инспекторите не сакаат да влезат во стратегијата, за која мисли дека е нова владина зграда. Сами се криви инспекторите што не виделе на гугл мапс каде е зградата, или вратарот, кој не ставил знак за влез во зградата на стратегијата.

Од овие општини „со мака“ устите им се запенија од кажување добри предлози, како на пример, инспекторатите да станат регионални и да ги „покриваат“ сите општини во еден плански регион, а не со месеци да чекаат од градска општина да се смилуваат и да испратат некаков инспектор. Едноставно, на урбаната мафија тоа не ѝ одговара, а знаеме дека политичарите се тука да спречат со закон сè она што не им одговара на лоповите, хохштаплерите, банкарите, градоначалниците и секторските началници „на платен список на урбаната мафија“, како и на партиските „дечки и девојки“, кои средуваат проблеми за процент. Таквиот список на штитеници на нашите парламентарци и партиските вождови во нашата „севернаја“ е долг. Дури и за другите, кои чекаат во партиските чекални или на „новото работно место за презимување“, да влезат во списокот има надеж: Ако нема сега, ќе има после.

Има тука и поинакви случаи. На пример, ако треба да се одземе надлежност на градоначалник, инспекциите стасуваат експресно, со однапред подготвени „наоди“. Ако не верувате, прашајте го градоначалникот Коњановски.  Како што тргнала работата, нему уште малку ќе му остане само надлежноста да пие кафе во својата канцеларија, а директорите, на кои тој им е шеф, ќе му ги поставуваат „одозгора“. Не бре од Пелистер! Од владата.

Владата и тоа Министерството за локална самоуправа и други градоначалници изненадија со свои „деца“, кои им ги ставија, неместо општинските избраници. Овие велат „ми наместија директор/ка“. Штом е местење, сигурно се работи за „инсталација“, па се надеваме дека во комплетот со дечките и девојките од власта има доволно гумици, држачи и клеми, кои одат со партиските и/или криминално – мафијашките инсталации. Тоа ти е како партиски Tool Kit. Но, за волја на вистината, за да им напишат „наод“ и надзорот да биде во рамките на законот, пак е потребен учен инспектор, а таквите се ем малку, ем се намалуваат. На крај ќе останат само овие фалш инспектори и ќе продуцираат неписмени надзори, кои ќе паѓаат по жалби. Ако, барем ќе се смеат пописмените во Управен суд.

Во духот на децентрализацијата е да има локални инспектори, но ако тоа не е можно, се применува правилото на „субсидијарност“: Работата ја завршува најниското ниво на власта, кое тоа го може, а ако не може – одиме степен повисоко, а тоа е најблиската општина со капацитет или „регионот“. Точно заради тоа градоначалниците сакаат да имаат ефикасни инспекциски служби, па дури и тие да не ги команудаат директно. И онака, инспекторите треба да ги „командува“ законот, затоа што се тие (треба да бидат) самостојни во обезбедувањето еден закон „да работи“ прописно, а тие да опоменуваат, едуцираат или казнуваат ако некој не го почитува законот. Пааааа… сега…. секој не би се сложил со оваа палава констатација, затоа што ќе се сети дека еден директор на инспекторат го сменија затоа што не сакаше пазарниот инспекторат да го претвори во прифатилиште за партиски морони, па на „џебниот интелектуалец“ Заев му дојде преку Стојко…. Пауновски. Ако, ако, не е проблем. Сѝ најдоа дечко за пример со богато (студентско) искуство, директор, истражувач,  апликатор на модели за подобрување на квалитетот на продажба и производство, менаџирање, и трансформациски промени… во својата компанија (веројатно тој бил единствениот вработен). Навистина, портфолио како степска пустина: празно, празно, празно… како ехо.

Дотогаш, најисплатливо е за градоначалниците (без оглед дали се од „вистинската“ или „погрешната“ партија) да не се зафаќаат со сериозни работи и да се занимаваат со хотели за миленичиња, колетчиња за Нова година, каснувања од кучиња и помош… мислам… на кучињата, за да не им спискаат тоа анимадундите, а кога одат на стратешко планирање, нека не одат повисоко од велосипедски патеки. Таквите глупави проекти и работи ем ќе ви ги усвојат по законот на Марфи: Колку е поглупаво, толку побргу ќе го сфати читачот на предлозите. Колку е попаметно, има голема шанса да им дојде преку… Стојко… 

Така, ако сакаат градоначалниците да добијат ефикасни регионални инспекторати, не треба да се занимаваат со плачење пред „реформаторите“ за своите вистински проблеми, туку треба да пријават проект до некој голем странски донатор со наслов „Меѓуетничка толеранција преку садење цвеќиња и инспекциските служби“, каде колатерална активност ќе биде формирање на регионален инспекторат, а главна меѓуетничко обука за садење цвеќиња.

What a good idea!

И на крај, не е фер од тоа инспекторите, кои ги нема, што не сакаат да влезат во стратегијата… барем на „заден влез“ – омилена насока на партиските кадри.

Слични Објави