Општинска комуникација со јавноста – заборавена уметност
Многу вода протече од првите декларации за децентрализација, кога ги устоличивме општините, им дадовме пари, им плаќаме и локални даноци, глоби, надоместоци за користење простор, паркинг и што уште не. Општините ги собираат парите, негуваат загубари во ликот на јавните претпријатија, ги наполнија општините со партиски војници и најважното: Заборавија да комуницираат со јавноста.
Сега, повторно, наместо општините, заедно со граѓаните „да ги притискаат“ централните власти да бидат поотворени, се случува спротивното, што е апла нелогично. Така, затворените и нетранспарентни државни органи почнуваат да ги притискаат општините да бидат поотворени. Повеќето од општините и сакаат, но ретко кој негува вистинска ПР служба, чија задача би била да ја информираат јавноста и да стимулираат јавна дебата. Просто, комуникацијата со јавноста е веќе заборавена уметност и најчесто оваа работа ја работат „дечковци“ и „девојки“ за се и сешто.
Токму тоа е поента на обуката, насловена како „Јавност на општинската работа“, која може да ја наречеме и „Што треба да знае и прави општинскиот портпарол (ПР тимот)“ или „Кои личности од јавната администрација можат да се сметаат за информатори на ПР службата“, или „Јавенс статус на општинските експерти“. Како сакате. Поентата е иста.
Обуката ќе се одржи утре – во петок, на седми Јуни, во просториите на „Станица 5“, а ќе имаме модератор од ЗЕЛС, како здружение на сите општини во Македонија. Напишана е и 100% домашна обука, која не е препишана од „странски“ урнеци, па е таа потполно поврзана со нашето состојбата на општините во Пелагонија. Обуката е дел од проектот со наслов „Отворени општини со отворени податоци“, кој е финансиран од НЕД, а го имплементира АГТИС, преку својата медиска заедница „Отворена телевизија“ или скратено „ОТВ“.
Претходно, АГТИС со сите општини потпиша Меморандум за соработка и разбирање, за да започне сервисот за општинско информирање, во сите 9 општини на Пелагонискиот регион и оваа обука ја сметаме како дел од тој систем, наречен ИРИС (Информален регионален информациски сервис).
Овде нема да има учења, предавања и вежби, туку споделување на знаења и вештини на лицата, кои се на било кој начин поврзани со информирањето на јавноста, подготовката на отворените податоци, уредувањето на општинските веб страници и општинските социјални медиуми. Законот е јасен и вели дека секој – кој прима плата од општината, има задача да известува за својата работа. ПР службата е таа, која тие податоци (треба) да ги собира и да ја информира јавноста, а попатно сѝ тера и кариера.
Теориски е ОК, но практично тоа не се случува како што треба, или се случува местимично, нередовно, сложено и неразбирливо, задоцнето, нефокусирано.
Тука сме! Оваа обука – споделување искуства и вештини, ќе ги јакне личните капацитети на ПР службите, кои тоа мора да го прифатат како занает и кариера и да го прифатат својот статус како информатори на граѓаните. Тие треба да добијат „нова енергија“, која политиката и подзаспаната администрација постојано им ја цицаат со својот став дека тие не работат за граѓаните, туку за градоначалниците и „општината“. Таа енергија и вештини, како и добрата волја, треба ПР – от да го стават (повторно) во центарот на внимание на јавноста, каде ќе ја започнат својата борба за релевантност, доверба, навремено информирање и одделување на општините од партиите.
Без тоа, на сила е граѓанската одлука: Такви – какви што сте не ве прифаќаме и ќе имате празни општински сали и се помалку млади луѓе во општините и се помизерен кадар, затоа што нѝ е полесно да започнеме наново во странство, отколку да се бориме со ветерниците на јавашлукот, негрижата, криминалот и инерцијата „нишај врата – земај плата“.
Оваа обука ќе помогне ПР – от да застане на средина меѓу локалните власти и граѓаните, да стекне јавна доверба и да започне со информирање, јавна едукација и притискање на администрацијата да дава податоци за креирање на таквите информации.
Можеби ќе тргне, како што беше некаде 2005 – та година, кога интересот на јавноста за децентрализација беше мошне висок и заедно „општинарите без ќесе и граѓаните без недоверба“, го протуркаа законот за финансирање на општините, со кој општините добија посериозни пари. Сега општоните имаат пари, па можеби граѓаните веќе не им се потребни. Ајде да видиме.