Татко и син ја донираат куќата по смртта на мајката за добротворен центар – „Пристаниште“ за деца без родители…
Скопјанец ја донира куќата на покојната мајка и сопруга, со цел таа да се користи како безбеден простор за ранливи категории на граѓани.
Суад Мисини, аналитичар и активист за човекови права, заедно со својот син Исак, започнаа хуманитарна иницијатива во чест на нивната прерано почината сопруга и мајка, Азбија Мемедова. Тие одлучија нивната семејна куќа да ја донираат и да ја претворат во добротворен центар – „Пристаниште“ за деца без родители, жртви на семејно насилство и социјално загрозени категории.
„Пристаништето“ ќе функционира како безбеден простор каде ранливите групи, на кои Азбија им го посвети својот живот, ќе добијат поддршка, престој и обуки кои ќе им помогнат да започнат нова фаза од животот. Центарот ќе вклучува еколошки хаб и образовни активности, со цел да стане отскочна даска за понатамошниот развој на корисниците.
Суад Мисини упати јавен повик до архитекти и стручни лица за поддршка при рехабилитација и адаптација на куќата. Тој истакна дека имињата на сите кои ќе придонесат ќе бидат истакнати на влезот на „Пристаништето“.
„Знаеме дека нема да биде лесно ниту брзо, но ние ќе успееме во нашата замисла. Мисијата на Азбија за праведен и хуман свет ќе продолжи да живее низ овој проект“, истакна Мисини.
За сите кои сакаат да помогнат или да добијат повеќе информации, контакт деталите на Суад Мисини се достапни преку социјалните мрежи, а објавата може да се споделува за побрзо наоѓање на соработници.


