Австриски искуства за одржливи здравствени услуги презентирани на онлајн работилница
Денес успешно се одржа онлајн работилницата “Мониторинг и евалуација на австриската програма за медицински сестри во заедницата” во рамките на проектот ТРАНСАКТ, која обедини експерти и практичари во областа на здравствената и социјалната заштита.
На 30ти март 2026 година, преку Zoom платформата, учесниците имаа можност да проследат и активно да дискутираат за мониторингот и евалуацијата на австриската програма за медицински сестри во заедницата. Работилницата понуди вредни сознанија поврзани со воспоставување ефективни системи за мониторинг, примена на најдобрите практики, како и анализирање на резултатите и пристапите за одржлива имплементација на услугите во заедницата.
Содржината на работилницата беше фокусирана на: мониторинг и евалуација на австриската програма за медицински сестри во заедницата, увид во системите за мониторинг, добри практики и резултати кои придонесуваат за одржлива имплементација.
Посебна вредност на настанот даде учеството на Christine Dullnig-Pichler, раководител на одделот за меѓугенерациска солидарност, активност и граѓанско општество на Универзитетот во Каринтија, која го има евалуирано целокупниот програм за медицински сестри во заедницата во Австрија. Таа сподели значајни искуства и експертиза од австрискиот модел, нудејќи практични насоки за негово прилагодување и примена во локален контекст.
На работилницата присуствуваа и Аташето од Австриската амбасада, Harald Breza Fugger, како и Lead Manager Stefan Niedermoser, кои со своето присуство и вклученост дадоа дополнителен придонес во квалитетот на дискусијата и ја потврдија поддршката за развој на ваквите иницијативи.
Настанот е дел од проект поддржан од австриското Федерално министерство за труд, социјална политика, здравство, нега и заштита на потрошувачите, во рамките на програмата International Partnerships Austria, кој се спроведува од австриски организации во партнерство со Здружението „Центар за развој и едукација“ – Прилеп.






