ЗАПОЧНА ОБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ВЕЛОСИПЕДСКИТЕ ПАТЕКИ – Битола добива над 5 км нови вело патеки
Општина Битола започна со обележување на новите велосипедски патеки, како дел од планот за развој на вело инфраструктурата во градот.
Обележувањето се изведува во вечерните часови, а во оваа фаза, велосипедската патека ќе биде обележана на десната страна од улицата, на потегот од кружниот тек кај Педагошкиот факултет до кружниот тек кај „Веро“.
Паралелно со овие активности, продолжува и асфалтирањето на другиот дел од тротоарите и вело патеките на улицата „Партизанска“, со што општината покажува континуирана грижа за инфраструктурен развој и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот.
„Ова е прв значаен чекор во реализацијата на долгорочната стратегија за одржлив транспорт и урбана мобилност во Битола. Граѓаните со години наназад бараа подобри услови за возење велосипед и изградба на велосипедски патеки, а денес, со сопствени средства од буџетот на општината, тоа го претвораме во реалност“, истакна градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Проектот има за цел не само да обезбеди безбедни услови за велосипедистите, туку и да придонесе кон намалување на загадувањето, сообраќајниот метеж и подобрување на квалитетот на живот во урбаната средина.
Со комплетирањето на вело-патеките во должина над 5 километри, Битола прави значаен исчекор во модернизација на сообраќајната инфраструктура, во насока на еколошки и здрав начин на движење низ градот, притоа обезбедувајќи простор за велосипедисти, но и реконструирани тротоари за пешаците.