Општина Прилеп распиша јавни повици за управни и надзорни одбори во јавните претпријатија
Советот на Општина Прилеп, врз основа на важечката законска регулатива и по предлог на градоначалникот, објави јавни повици за избор на нови членови на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија чиј основач е општината.
„Врз основа на член 36, став 1, точка 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/02 и Службен весник на Република Северна Македонија бр.202/24), член 17-а став 2 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија” бр. 38/96, 9/97, 6/02, 40/03, 49/06, 22/07, 83/09, 97/10, 6/12, 119/13, 41/14, 138/14, 25/15, 61/15, 39/16, 64/18 и 35/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19, 89/22, 274/22, 208/24 и 193/2025), како и Правилникот за формата и содржината на јавниот повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор на јавно претпријатие, начинот на поднесување на пријавата, обрасците за пријавување и начинот на бодување и селекција на кандидатите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.213/2024), а по предлог на Градоначалникот, Советот на Општина Прилеп објавува:“
Јавните повици се распишани согласно Законот за локалната самоуправа, Законот за јавните претпријатија и Правилникот за формата и содржината на јавниот повик за избор на членови на управни и надзорни одбори. Со нив се утврдуваат условите, начинот на пријавување, критериумите за бодување и постапката за селекција на кандидатите.
Сите заинтересирани граѓани можат да ги видат јавните повици и деталните услови за кандидатура на огласната табла на официјалната веб-страница на Општина Прилеп. Повиците се однесуваат на сите јавни претпријатија основани од општината.
Согласно законските одредби, претседателите и членовите на управните одбори имаат право на месечен надоместок за својата работа, кој се исплаќа врз основа на присуство на седници. Висината на надоместокот поединечно не смее да надмине една половина од просечната нето-плата на вработените во соодветното јавно претпријатие исплатена во претходната година, ова се однесува кај дел од претпријатијата, проверете колку е надоместокот во останатите јавни претпијатија.
Јавниот повик е објавен на 22 декември 2025 година и ќе трае пет дена, односно најдоцна до 27 декември 2025 година.
Со објавувањето на овие јавни повици, Општина Прилеп практикува транспарентен и законски уреден избор на органите за управување и надзор во јавните претпријатија.



