Црвен крст Прилеп со превентивна кампања за заштита од шумски пожари
Во пресрет на летната сезона и зголемениот ризик од шумски пожари, Црвен крст на Македонија – Општинска организација Прилеп започна со спроведување на превентивни активности насочени кон заштита на населението и животната средина.
Во рамки на активностите, организацијата ја реализира кампањата за превенција од шумски пожари, која вклучува информирање на јавноста, теренски посети и дистрибуција на едукативен материјал. Кампањата го опфаќа Прилеп, вклучително и териториите на општините Кривогаштани и Долнени, каде честопати се случуваат пожари во летниот период.
„Секое лето се соочуваме со големи предизвици поврзани со пожари на отворен простор. Потребна е навремена едукација и мобилизација на граѓаните“, изјавуваат од Црвениот крст Прилеп.
Целта на кампањата е да се поттикне одговорно однесување, навремено пријавување на пожарите и подигање на јавната свест за тоа како мали пропусти може да доведат до големи штети. Материјалот кој се дистрибуира содржи практични совети за спречување на пожари, како и чекори што треба да се преземат доколку дојде до несакана ситуација.
Според организацијата, превентивното дејствување е клучно во намалувањето на ризикот од катастрофи, особено во периоди со високи температури и суво време.
Фото Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Прилеп