Денеска започнува „Прилепска празнична приказна“ – предновогодишниот базар
Денеска, 24 декември, официјално започнува предновогодишниот базар во Прилеп, насловен „Прилепска празнична приказна“, кој ќе донесе празнична атмосфера, забава и бројни културно-забавни настани во срцето на градот.
Базарот се одржува на плоштадот Методија Андонов – Ченто и ќе трае до 31 декември, нудејќи им на прилепчани и посетителите можност да уживаат во празнично украсен амбиент, штандови со храна и пијалаци, музичка програма и активности за сите генерации.
Програмата започнува денеска во 17:00 часот, со музика од DJ Christmas Tree и настапи на аниматори од Magic World, со забава за најмладите, маскоти, новогодишно џуџе и магични изненадувања. Во 18:00 часот е предвидено и свеченото отворање на „Прилепска празнична приказна“, по што ќе следува настап на бендот The Hounds, а вечерта повторно ќе биде заокружена со DJ сет.
Кулминацијата на празничната програма ќе биде на 31 декември, кога на истата локација ќе се одржи дочекот на Новата година. Во текот на денот се најавуваат изненадувања за посетителите, а од 23:00 часот прилепчани ќе ја пречекаат Новата 2026 година со настап на Наум Петрески, по претходна DJ-забава.











