Нова потрошувачка кошничка без одмор во странство, алкохол и цигари – Летување во странство е луксуз! 

Во услови на континуиран раст на цените и зголемени трошоци за живот, Владата наскоро ќе ја презентира новата просечна потрошувачка кошничка за тричлено македонско семејство, која, како што се најавува, ќе биде фокусирана исклучиво на основните и сезонски потреби на домаќинствата. Во неа нема да се вклучуваат трошоци за алкохол, цигари, одмор во странство, ниту пак овошје што не е карактеристично за конкретната сезона.

Новата кошничка, која треба да биде објавена до крајот на месецот, ќе се заснова на официјални податоци од Државниот завод за статистика и Државниот пазарен инспекторат. Сите пресметки ќе бидат правени врз основа на цените од супермаркети, локални маркети и зелени пазари од различни региони, со цел да се добие реална и репрезентативна слика за трошоците на граѓаните.

Летување во странство за Владата е луксуз и дефинитивно ќе го нема во пресметките во владината просечна потрошувачка кошничка. Дали ќе се пресметува барем трошокот за седумдневен одмор во Дојран, кој го има во  минималната кошничка на Синдикатот, заменик-министерот за економија, Ристески без конкретен одговор.

Според заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, одмор во странство не е показател што треба да влезе во просечната потрошувачка кошничка, бидејќи не претставува универзална потреба на секое домаќинство. „Секој според својот личен стандард и можности може да си дозволи или не одмор, но тоа не значи дека треба да биде пресметан во основната кошничка“, изјави Ристески, додавајќи дека дури и одморот во домашни дестинации како Дојран, кој претходно се разгледувал, нема да биде вклучен.

Кошничката, како што посочи тој, ќе биде финално усогласена со синдикатите, работодавачите и Организацијата за заштита на потрошувачите, а потоа ќе биде разгледана и гласана на седница на Економско-социјалниот совет.

Паралелно со оваа иницијатива, Владата ја спроведува мерката за ограничување на бруто профитните маржи на трговците за време на празниците, што според официјалните податоци веќе дава резултати – забележана е дефлација од 1,3% и намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци за три проценти.

Мерката, која стапи на сила на 20 февруари и ќе важи до 30 април, опфаќа над 1.000 производи од 102 групи, а трговците се обврзани на полиците да имаат најмалку 70% од тие производи. Производите со намалени или замрзнати цени се обележани со натписите „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или „Замрзнати цени“.

Како дополнителна алатка за справување со ценовните злоупотреби, Владата воведе измени во Законот за прекршоци, со кои се предвидуваат парични казни од 500 до 10.000 евра, но и мерка затворање на маркет до 15 дена. Активно делува и Комисијата за заштита на конкуренција, која ги анализира односите меѓу добавувачите и трговците.

Иако не се оспорува методологијата на минималната потрошувачка кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија, од Министерството за економија појаснуваат дека новата просечна кошничка ќе биде изработена врз база на релевантни и официјални податоци, со цел да се овозможи појасна слика за животниот стандард на македонските семејства.

Слични Објави