Со едукативни активности и бесплатни мерења одбележан Светскиот ден на дијабетесот во Прилеп

Ученици од ДСУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, заедно со нивниот стручен наставник Ленче Јованоска, учествуваа во активностите што ги организираше ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп по повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември.

По повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп реализираше низа активности насочени кон подигнување на јавната свест за дијабетесот, значењето на превенцијата, раното откривање и навременото лекување.

Во рамките на одбележувањето беше организирано стручно предавање на тема „Рано дејствување кај дијабетесот“, кое го одржа супспецијалист д-р Катерина Чешлароска Маркушоска. Притоа беше потенцирана важноста од навремено препознавање на симптомите, редовните здравствени контроли и соодветното лекување.

Дел од активностите беше и бесплатната акција за мерење на нивото на гликемија и артерискиот крвен притисок, која се реализираше во холот на болницата. Во неа учествуваа и ученици од ДСУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, заедно со нивниот стручен наставник Ленче Јованоска, давајќи свој придонес во промовирањето на здравствената едукација и превентивната грижа.

Активности беа спроведени и во Инсулинската аптека – депо при Здравствен дом – Уред Прилеп, со цел поддршка и унапредување на грижата за лицата кои живеат со дијабетес.

Од Општата болница – Прилеп посочуваат дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во информирањето и едукацијата на граѓаните, особено за важноста на превенцијата и навременото откривање на болеста.

Дијабетесот е заболување кое бара континуирано внимание, информираност и соодветна здравствена грижа. Редовните контроли, здравите животни навики и раното откривање можат значително да придонесат за подобар и поквалитетен живот.

Со одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп уште еднаш ја потврди својата заложба за унапредување на здравствената заштита и грижата за здравјето на граѓаните.

Слични Објави