Бела Црква и Воѓани ќе добијат заедничка пречистителна станица

Во Бела Црква започнаа почетните градежни работи за изградба на пречистителна станица за комуналните отпадни води од населените места Бела Црква и Воѓани. Денеска, 12 ноември, увид на почетокот на работите изврши градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски.

Станицата ќе биде со капацитет за 1.000 еквивалентни жители и ќе овозможи механичко и биолошко пречистување на отпадните води пред нивното испуштање во одводниот канал. Проектот предвидува поставување на постројка со пумпи, таложници и филтер, електрични инсталации, како и чистење на 700 метри од постојниот одводен канал.

Вредноста на договорот за изградба изнесува 8.991.592 денари со ДДВ, а средствата се обезбедени преку капитална дотација од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Изведувач на работите е „Игнација ФМ“ ДООЕЛ Битола, додека стручниот надзор го врши „МГ Проект“ ДООЕЛ Скопје. Предвидениот рок за реализација е шест месеци од воведувањето на изведувачот во работа.

Со изградбата на станицата, отпадните води од двете населени места ќе добијат соодветен третман пред испуштањето, со цел намалување на загадувањето на околните води и почвата.

Слични Објави