Велики Петок или Распнат петок
Отсекогаш, Велигден го чекале “со душа” да дојде. Имало голема возбуда и се спремале долго за тоа обредно расположение. Во Прилеп тоа посебно било изразено заради пазарувањето на Велипеток, кога децата добивале „нешто ново“. Со тој обичај е поврзан и црковниот панаѓур, околу црквата Свето Благовештение, кој и сега се одржува секоја година.
Во народното верување Велигден и Божик се двајца браќа. Божик е постар и поскромен, Велигден помлад и фодул. Божик како домаќин гледал да е полна трпезата: “Ако се боси нозе под трпеза, само да е цело прасе на трпеза”. Затоа луѓето гледаат за Божик да заколат прасе и трпезата да е полна со разновидна храна. Велигден пак како млад, гледа да е убаво облечен и да излезе на оро. Затоа за Велигден се купува нова облека, а бидејќи тие што не ќе се подновеле плачеле, останало да се вели: “Велигден е плачко”.
Настаните пред Христовото распнување се случуваат од Цветници до воскреснувањето.Според Евангелието од Марко, кој ги опишува осумте дена пред воскресението, тоа е драмата, која се случила во Гестиматија, издајството, заробувањето, судењето и осудувањето, распнувањето на крст, погребувањето, воскреснувањето и неговата повторна појава (во 3 дена). Имено, Светот, Црквата и Бог ги поврзува „осмиот ден“ (Велигден).
Секоја година на Велики петок, Црквата во нас ги оживува Христовите страдања на крстот за искупување на гревовите. На иконите се става плаштеница. Велики петок уште се вика и Распет петок, затоа што на овој ден е распнат Исус. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, и тогаш не треба да се работи, дури не се готви ни храна. Велики Петок е најтажниот ден за сите христијани и најтежок пост.
Според црковна митологија, одма после Христовата смрт, него го ставаат во камен гроб, а после тоа тој слегол во адот, заради избавување на родот на Адама и Ева.
Во народната митологија „Распнат петок” е поврзан со магии и постапки за заштита на куќата и семејството. На пример, се мете и чисти низ куќа, посебно се чистат ногалките од столиците и метлите и крпите се фрлаат далеку од куќа на буниште или во некоја вода (се метат евентуалните негативни магии, „потуреното“ или „расипаното“). После метењето, се правеле и магии, а имало табу за употреба на шајки и игли.
Јајцата бојосани во петок се во жолта боја, а постоело и петочно шарање јајца. Тие јајца се познати како “шарени”, “писани”, “китанки”, “перашки”.
На Велики Петок се правеле многу магии и секое семејство внимавало да се заштити од магии, кои можат да им се направат во оваа „Страсна недела“. Има помен на страшна магија со „Пиле мамниче“, кое со гласот му ја одзема силата на луѓето и потоа тие умираат. Имало многу магии за преземање на родот на нивите, млекото од стоката, за заштита од кртови и сл. Тие се нарекуваат „аграрни магии“.
На Велики петок се купува нова облека и чевли. Постои и социјална приказна за сиромавите и богатите наречена “жолти чевли дома седат, мрсен зелник оро води”. “Добро е да се дочека Велигден со нешто ново за носење”.
Добро е исто така („се чини“, „убо е ако…“) да се купи нешто земјено (теракота, глинена изработка) за Велигден.
Според преданието од Гевгелиско, кога Христос умрел, Христијаните се расправале со Евреите и тврделе дека ќе воскресне, додека пак Евреите зборувале дека тоа ќе се случи само ако кокошките почнат да несат црвени јајца. Работата дошла до судот. Пилат ги испратил слугите и тие за кусо време се вратиле со црвени јајца во рацете. Судиите провериле дали јајцата се вистински и кога се увериле во тоа ги пуштиле Христијаните. Во спомен на тоа, Христијаните на овој ден вапцуваат црвени јајца и се кршат со нив поздравувајќи се со христијанскиот поздрав “Христос воскресе” и отпоздравувајќи со “Воистину воскресе”.
И старите Словени имале претстава за Богот – зачетник на светот, кој е поврзан со јајце, а тој е богот на давањето, или поинаку „Дајбог“. И ден – денес велиме „дај боже“, што е остаток од Дајбог, а кратенката во молитвите е „ДОС“, што често се среќава во народните поговорки и песни.
Во христијанството ја симболизира бесмртноста и воскреснувањето, а во Библијата јајцето е знак на надежта.
Велигденските јајца се канонизиаран атрибут во христијанската религија, но спротивно од верувањата, тој обичај не е многу стар. Црквата го признала вапцувањето јајца од XII век во Источната Црква и XVI век во Католичката. Инаку, бојадисувањето на јајцата е превземена од паганството.
Митологијата за јајцето, како симбол на верување е мошне богата. Се верува дека животот настанува од јајце (симбол на повторното раѓање, цикличноста, симбол на животните сили и процеси, во Библијата јајцето е знак на надежта), а исто и светот настанал од јајце (симбол на Космосот).
Има многу митови за “космичкото” јајце, како претстави за создавањето на космосот: Во Индија имаме ведска верзија за златното космичко јајце – симболот на огнот, кое пловело по водите илјада години, па, јајцето пукнало и од него излегол Господарот на вселената во ликот на првиот човек.
Александар Цветкоски кустос советник – НУ Завод и Музеј Прилеп