Петровден и Павловден – Народни обичаи и верувања
Петровден — православен празник што се одбележува секоја година на 12 јули. Празникот е посветен на Апостол Петар. Сe смета за еден од најголемите празници по Велигден.
Петровден повеќе се смета за црковен празник. Постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат.
На иконата светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги. На празникот му претходи Петровденскиот пост чија должина зависи од празникот Велигден. Имено, овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, започнува од првата недела по Дуовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и петровденскиот пост трае различно.
Празникот е поврзан со жетвата и првите плодови, младите животни (на пр. се коле најмладото пиле за Петровден)
Петровденски собори (порано, биле многу важни за социјалниот живот) биле многу очекуван собир, во минатото и биле поврзани со изборот на партнер / партнерка (загледување на девојките, затоа што на тој ден сите се враќаат од печалба).
Во народното верување, Петар бил богат и кабадаија, а Павле сиромав и праведлив.
Светиот апостол Петар е роден во селото Витсаида на брегот на Галилејското езеро. Потекнувал од рибарско семејство и нив ги видел Исус и ги повикал, по што Петар заедно со брат му Андреј го напуштиле рибарскиот занает и му се придружиле. Така од ловци на риби станале ловци на човечки души. Првото име му било Симон, а Исус го нарекол Петар, што значи „камен“.
Како верен Христов ученик Петар бил со својот учител во многу прилики во кои не биле другите апостоли како на пр. при преобразувањето и при воскреснувањето на Јаировата ќерка.
По слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, овие започнале да зборуваат на разни јазици, а народот помислил дека се пијани, Петар одржал впечатлива беседа кажувајќи дека тие не се пијани туку дека се исполнети со Светиот Дух. По оваа беседа Петар ги повикал присутните да ја примат Христовата вера и само во тој ден се крстиле околу 3000 луѓе.
Еднаш, на стари денови, Петар дошол во Рим. Тогаш таму владеел Нерон, голем безбожник и тиранин, противник на христијанството, а христијаните ги фрлал во арените со лавови. Тој и апостол Петар го осудил на смрт, но кога сакале да го погубат со распнување Петар ги замолил да не го прават тоа зашто не е достоен да умре како својот учител Исус Христос, туку да го распнат со главата надолу. Егзекуторите така и направиле и на 12 јули (или 29 јуни според стариот календар) во 61 год., светиот апостол Петар во големи страдања го завршил животот. Во близината на Рим, истиот ден исечен од противниците на Христијанството е и светиот апостол Павле. Затоа светата Христијанска црква споменот на овие двајца апостоли го празнува во ист ден.
Св. Павле не бил меѓу познатите 12 Христови апостоли. Во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните, за подоцна да стане најсилен пропагатор на ова учење. Роден е во гратчето Тарс, во областа Каликија во Мала Азија. Првобитното јудејско име Савле (што значи измолен) сам го променил во Павле (од римски павлус – мал, малечок). Родителите го дале на училиште и набрзо уште мал станал образован човек. Се занимавал со ќилимарство и од тоа живеел. Савле бил на страната на еврејските свештеници, ги фаќал Христијаните и му ги предавал на судот. Учествувал и во каменувањето на св. Стефан Првомаченик, по што му ја зел облеката.
Но еднаш кога патувал за градот Дамаск му се случило нешто што од корен го изменило неговиот живот: блеснала силна светлина и тој веднаш ослепел и паднал на земјата. Од светлината слушнал глас: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?” „Кој си ти?” – прашал исплашениот Савле. „Јас сум Исус кој ти го прогонуваш!” – одговорил гласот. „Господе, што да правам?” – запрашал Савле. „Стани и оди во Дамаск. Тамо ќе ти кажам што да правиш!“ Придружбата го одвела во Дамаск каде што останал три дена. На третиот ден дошол еден побожен човек кој му рекол дека е испратен од Исус да му каже дека е време да прогледа и да се исполни со Светиот Дух. Во тој момент му се вратил видот, тој се крстил и од најжесток противник на Христјанството станал негов најголем афирматор. Откако брзо ја изучил христијанската наука почнал да проповеда по светот и познати се четирите негови патувања низ Мала Азија, Балканскиот и Апенинскиот Полуостров. Заслужен е за покрстувањето на многу луѓе. Пишувал и посланици кои и денес во црквата се користат како свети книги и во нив ги упатувал верниците како треба да живеат за да ја имаат божјата наклоност. И во народниот говор и денес се вели „Од Савле стана Павле”, за некоја личност што од голем противник станал приврзеник на одредена дејност.
Со својата активност апостол Павле предизвикувал омраза кај еврејските свештеници кои неколку пати го затворале и мачеле. Бил обвинуван дека народот го поттикнува на непослушност. Еднаш бил предаден на Римјаните и наклеветен по што главата му била пресечена со меч. Поради многуте заслуги светата христова црква го ставила во редот на апостолите. Неговиот празник се празнува заедно со празникот на св. Петар но и посебно, следниот ден на 13 јули (или 30 јуни според стариот календар).
Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.
Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука” што е дел од Светото писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада една ноќ имал видение: “…стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: ‘Премини во Македонија и помогни ни!’ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повикал таму да го проповедаме Евенгелието. (Дела 16-9,10) Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!” им рекла таа. Потоа и многу други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа. Ете затоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа.
Во цркавата “Свети Петар и Павле”, Зрзе, се наоѓа оштетена фреска, на која е насликано овчарче во стара македонска носија. Фреската е поврзана со легендата за овчарчето кое го спасило манастирот од пљачкосување. Кога арнаутите дошле во манастирот, сакајќи да го срушат и да го опљачкаат, овчарчето, за да го спаси манастирот, им се спротивставило. Затоа тие го заклале, и тоа парче по парче. Во моментот кога го заклале, дувнале силни ветришта, и бидејќи биле дојдени со коњи, коњите се исплашиле, па почнале да се симнуваат надолу по патот. Арнаутите, за да не одат пеш, тргнале по нив, и планот да се сруши и осквернави црквата пропаднал. Народот и монасите кога виделе дека на тоа место е пролеана невина крв за да се спаси манастирот, трите страни ги оградиле со sид и бидејќи биле Петрови пости, изградиле црква, посветувајќи ја на свети Петар и Павле. Немале многу пари, па го нацртале само олтарот, но не заборавиле кога ги правеле фреските да го насликаат и овчарчето. Во спомен на тој настан, кога луѓето оделе да палат свеќа во црквата велеле: “Каде ќе одиме? Ќе одиме во чобанската црква”.
Народни обичаи и верувања
Павловден жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи „за од пајаци“, да не го каснат некого при полските работи, жетва, врзување снопови, и сл. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.
На иконата светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги. На празникот му претходи Петровденскиот пост чија должина зависи од празникот Велигден. Имено, овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден така и Петровденскиот пост трае различно.
На Петровден во црквата се носат петровски лебови и јаболка-петровки, се осветуваат и се раздаваат на роднини и соседи за здравје.
На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.
Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира. Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место. Во сиве овие верувања, како што може да се види присутна е имитативната магија верувањето дека сличното предизвикува слично.
Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.
Во Гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да бидат цела година благи како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во Петровденските пости ќе се скрастави. Во овој крај ако било сушно времето на овој ден носеле крсти (литии) и со песната „Крсти носам бога молам” се молеле за дожд.
Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими.
На Петровден именден празнуваат: Петар (Камен, Каменко), Петре, Петра, Петранка, Петруна. Следниот ден празнуваат: Павле, Пајо, Павлина.
Петровденските пости започнува во понеделникот на сите Светии, чија дата е подвижна, а завршува на 12 јули. Најголемо траење на периодот на Петровиот пост е шест недели, а најмалку една недела.
Петровденскиот пост уште се нарекува и апостолски (затоа што е регулиран со Апостолко правило). Ова е најлесен пост за верниците и најтежок за свештениците, затоа што ако не постат следува „анатема“.
На сам ден Петровден се готви пилешко месо.
НУ Завод и Музеј Прилеп
одделение за социјална и духовна култура
кустос – советник Александар Цветкоски