Машиновозачите во бојкот, возовите речиси не сообраќаат
Поголемиот дел од машинскиот и извршниот персонал во МЖ Транспорт е во бојкот поради неисплатен втор дел од ноемвриската плата и целосно неисполнетите договорени барања од претходниот протест. Поради тоа, патничкиот железнички сообраќај е речиси целосно во прекин.
Претседателот на Синдикалната организација на машиновозачи на Македонија, Тони Димовски, денеска изјави дека бојкотот започнал вчера и дека 60 до 70 проценти од персоналот не работи.
– Ќе останеме во бојкот сè додека не бидеме повикани на преговори и не добиеме писмена гаранција дека договореното ќе се исполни. Досега, и покрај постигнат договор, ништо не е реализирано – вели Димовски.
Според него, првиот дел од ноемвриската плата бил исплатен на 18 декември, а за вториот дел постоеле само неофицијални најави. Тоа, потенцира, не е доволно за прекин на бојкотот.
Од патничките возови вчера сообраќал само еден, на релација Скопје–Гевгелија. Не сообраќаат возовите на линиите Скопје–Куманово, Скопје–Битола, Скопје–Велес и Скопје–Гевгелија. Товарниот сообраќај се одвива делумно.
Потсетување: на 1 декември железничкиот сообраќај во земјава беше целосно блокиран, а се нормализираше по средба со раководството на МЖ Транспорт и Министерството за транспорт. Сепак, според синдикатот, ниту едно од 15-те доставени барања не е исполнето.
Меѓу барањата се исплата на прекувремени часови, бонус за над 150 прекувремени часови, зголемување на коефициентот за 0,80 поради растот на трошоците за живот и додаток од 10 проценти за вонредно повикување на работа.
Железницата повторно е заложник на неисполнети ветувања, а граѓаните без одговор кога сообраќајот ќе се нормализира.



