НОВ ПСИХИЈАТАР ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА, СО ИСКУСТВО ОД ДЕМИР ХИСАР
Жителите на Прилеп и регионот ќе имаат подобар пристап до психијатриска здравствена заштита, откако Одделението за психијатрија при ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ доби нов специјалист.
На тимот му се приклучува д-р Кире Стојаноски, психијатар со повеќе од десет години професионално искуство, стекнато во Психијатриската болница во Демир Хисар.
Со неговото доаѓање, Одделението за психијатрија сега располага со пет доктори специјалисти по психијатрија и еден специјализант, кој, според најавите од болницата, наскоро ќе се приклучи на тимот.
Од ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ информираат дека секојдневно се обезбедуваат дежурства и амбулантски психијатриски прегледи преку системот „Мој термин“, со цел пациентите навремено да добијат достапна и квалитетна здравствена грижа.
Ангажирањето на нов психијатар претставува значајно засилување за прилепската болница, особено во период кога потребата од услуги за ментално здравје е сè поголема.


