Советот ги усвои измените на Буџетот на Општина Прилеп за 2025 година – скандал со настап на книговодител на говорница
На денешната трета седница, Советот на Општина Прилеп ги усвои измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година, како и предлог-планот на развојните програми за периодот 2026–2028 година. Советниците го разгледаа и кварталниот извештај за извршување на буџетот за периодот од 1 јули до 30 септември 2025 година.
Во дебатата за буџетот, советникот Жарко Стеваноски од Левица, обвини за незаконска процедура, а градоначалникот Дејан Проданоски ја презеде одговорноста, наведувајќи дека поради изборниот период не било можно целосно почитување на сите законски рокови и дека и други општини се нашле во слична ситуација по фискалната промена.
Скандалозна ситуација на говорница
Вистински скандал се случи кога на говорницата, наместо директорот, се појави книговодителот на ЈКП „Пазари“, фирма која е избрана на тендер да ја врши книговодствената дејност за претпријатието. Тој почна да одговара на прашањата на советниците – постапка што предизвика негодување кај дел од присутните.
По интервенцијата на советникот Жарко Стеваноски, директорот на ЈКП „Пазари“ сепак се појави пред говорницата и даде одговори на поставените прашања.
Други точки од седницата
Со мнозинство гласови, Советот даде согласност и на тримесечните извештаи за финансиското работење на јавните претпријатија и институции:
- ЈП за ПУП – Прилеп
- ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп
- ЈКП „Комуналец“ – Прилеп
- ЈКП „Пазари“ – Прилеп
- ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“
за периодот од 1 јули до 30 септември 2025 година.
Советниците едногласно ги прифатија и предлог-решенијата за разрешување членови на надзорни и управни одбори во повеќе институции.
Беше одобрена и листата со услуги што ЈКП „Водовод и канализација“ ќе ги извршува за потребите на Општина Прилеп, без примена на Законот за јавни набавки, како и кофинансирањето на проектот за изработка на техничка документација за постројка за складирање, третман и преработка на биоразградлив и инертен отпад.



