Учениците од „Д-р Трифун Пановски“ ќе спортуваат на нови, модерни игралишта
Во рамките на планираните активности за реконструкција на девет спортски игралишта и терени во битолските училишта, дел од општинската администрација денес го посети основното училиште „Д-р Трифун Пановски“. Со оваа иницијатива се обезбедуваат подобри услови за спорт и рекреација, како и за развојот на натпреварувачкиот и тимскиот дух кај учениците.
Како дел од проектот за подобрување на условите за спорт и рекреација, во училишниот двор ќе бидат изградени модерни терени за фудбал, ракомет, кошарка, како и специјална фитнес-зона. Локалната самоуправа преку овие инвестиции дава поддршка за развојот на спортскиот дух кај младите.
„Предвидена е комплетна реконструкција со нова асфалтна подлога и поставување на соодветна спортска опрема – кошеви, стативи за голови, мрежи и бележење на терените. Со ова, учениците ќе добијат безбедни и функционални услови за спортски активности,“ истакна секретарот Борче Димитровски од Општина Битола.
Директорката на училиштето, Лилјана Николовска, нагласи дека новите терени ќе имаат големо значење за наставата по физичко образование, како и за спортското рекреирање на учениците. Дополнително, спортските површини ќе бидат опремени со урбана опрема и осветлување, што ќе овозможи нивно користење и во вечерните часови.
Реконструкцијата на спортските терени е дел од пошироката иницијатива на Општина Битола за подобрување на инфраструктурата во училиштата, со цел создавање подобри услови за спорт и рекреација на младите.