Лазарова сабота- обичаи и верувања
По црковната митологија, во сабота, пред Цветници, Христос го воскреснал Лазар од Витанија
Со празникот се поврзани голем број обичаи и верувања, од кои најпознат е обичајот „лазарки“. Кај народот се верува дека нивното пеење носи радост, среќа и благодат во куќата што ќе ја посетат. Лазарките го најавувале доаѓањето на пролетта и Велигден.
Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како „лазарски“. Ги изведуваат девојки, во групи, одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек – зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот.
Лазараките, при подготовките за празникот, прават зелени обрачи за глави од растенија, како имендени се празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо, Цветан, Цвета и имиња што произлегуваат од растенијата: Лилјана, Калина и сл.
Во речник на Миладиновци се забележани стихови (песна) поврзана со Лазара:
Малечкоо убоо, о Лазаре!
На диван ми седеше, со јаболко играше,
Мајка ле му викаше: Малечкоо убоо!
Доста седе на диван, доста играш с јаболко,
дан’ те царот догледат, дан’ ти царство поклонит !
Уште речта не рече, ми го царот догледа
и му царство поклони.
Постојат описи на самата обредност од минатиот век: „Рано децата ходат по куќи со шарени стапчиња. Во недела на Цветници, се собираат девојки и една од нив ја прогласуваат за невеста. Обиколуваат поминувач, му пеат песна и затоа се дарувани, а овие му бакнуваат рака. Со парите си купуваат јадење и пиење за прослава“.
Кузман Шапкарев запишал дека на овој ден младите моми на возраст од 12-13 години, се собираат во дружина од по 5-6 девојчиња и по едно момче, одат од куќа во куќа и заедно пеат лазарски песни – соодветни со состојбите и условите во секоја куќа. Кога ќе влезат во собата лазарките се наредуваат исправени во полукруг или на отворен лак, свртени со лицето кон огништето или кон домаќините и под раководство и иницијатива на танчерката испеваат една или две песни соодветни на условите во куќата. Кога ги пеат се ништаат („лулаат“) напред и назад со телата. По испевањето бакнуваат рака на домаќините и домаќинките кои ги даруваат со по неколку пари или јајца. Парите ги собира танчарката, а јајцата раководителот на лазарките т.е. момчето со кошничката, кое нарочно го водат со себе. Момчето воопшто не пее.
Низ цела Македонија, одејќи по куќите лазарките пееле песни за сите членови од семејството започнувајќи од најстариот. Нему му се пеело за синовите, снаите, внуците, за богатство и убави абери. На машките деца им се пеело за учење во манастир: „он го пратил за три години -од се научил за три месеци“, на девојчињата им се пеело да се омажат за царевиот син, на ергените за грабење девојка, за женидба и убав живот. На девојка за мажење и се нагласувала нејзината работливост, се пеело за нејзините дарови, за свекорот и свекрвата, за деверите, золвите и јатрвите. Особено топли чувства се испеани во песните за невестите без деца. Лазарките секаде биле пречекувани со задоволство.
Тие не пееле само во куќите во коишто имало скоро умрен.
Раздавале цвеќиња, особено зеленика и дафино, кои се чувале пред иконата како свети неша.
Во Струга Лазара се славело три дена и тоа: петокот, кога се навестувал празникот, саботата, во која пееле „Дај ми пара Лазаре“ и неделата, на Цветници, кога пееле и песна „Вијур, вијур Гајдано.“ Празникот се најавувал на тој начин што во петокот малите деца до седум-осум години, носејќи шарени стапчиња (со три бои) оделе кај роднините. Во саботата на Лазарева сабота, девојките во групи од три до пет во групата, облечени во народна носија како невести и со венчиња на главата излегувале на улица на минувачите им го попречувале патот и им пееле соодветни песни. Неделата пред Велигден освен Цветници се вика и „Вијур, вијур Гајдано“. Тогаш машки деца на возраст од околу десетина години, облечени во стара облека, маскирани, со кожи префрлени преку нив, со ѕвонци и други реквизити, одат во посета на куќите.
Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот „Кошкање деца“. Обичајот се состои во кошкање на сите деца што биле родени меѓу двете Лазареви саботи, што значи – деца до една година. Ги кошкале дури и децата што имале по неколку дена. За овој обичај секоја мајка месела погача наутлија. Откако ќе ги испееле сите лазарски песни лазаркките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го кошкале така до три пати. Откако ќе ја испееле песната три пати, едно од девојчињата „со мајка и со татко“ (што значи да не е сираче) застанувало насреде во кругот, а една постара жена, обично свекрвата, ја земала погачата, ја раскршувала над главата на детето и едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.
На лазаречки петок девојките се собирале во некоја куќа, за дртужење, кое е нареченоп „брање“, со значење „другарување“. Секоја девојка носела по малу грав и пченица (неварени), леб, дрва и сѝ готвеле вечера. За тоа време пееле лазарски песни (вежбале). Вечерта тие тука спијат, а утредента одат во поворка по куќи да пеат песни. Најнапред оделе песнопојките, а најназад тие со торбите. Во која куќа имало свршеник или свршеница (женик или невеста) или малечко (дете или момиче), таја година родено во таја куќа куќните им давале на лазарките по една „Старка“ (пара). Откако свршувале одењето, лазарките пак си се враќале во куќата каде што се „брале“, и тује сѝ ги делеле даровите (јајца и пари и после сѝ ручале, па сѝ оделе – секоја дома.
Александар Цветкоски – Кустос Завод и Музеј Прилеп