Советот ќе прогласи природна непогода поради штетите на јаболката во Преспа
Сериозна штета врз овоштарството, особено јаболковите насади, предизвика голомразицата што го зафати Преспанскиот регион. Поради сериозноста на состојбата, денес Ресен го посети Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
На средбата со градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, министерот беше информиран дека на денешната седница на Советот ќе се донесе одлука за прогласување природна непогода за погодениот регион. Со тоа ќе се формира комисија која ќе врши увид и евиденција на настанатата штета кај сите граѓани кои ќе пријават.
„За ова уште денес следува распишување на Јавен повик за пријавување на штети на земјоделските култури, а комисијата ќе изврши увид на терен за направената штета, и ќе достави извештај до Владината комисија за процена на штети од природни непогоди.“ истакна градоначалникот Тозиевски
Ќе се донесе и одлука за распишување јавен повик за пријавување на штети на земјоделските култури.
Комисијата ќе изврши увид на оштетените посеви и ќе изготви извештај, кој ќе го достави до Владината комисија за процена на штети од природни непогоди.
„Секој земјоделец на кој што му се оштетени поседите од природни непогоди ќе биде обесштетен“, порача министерот Трипуновски.
Министерот и претставници од општината излегоа и на терен, каде што беше извршен увид во јаболковите насади и беа утврдени првичните штети.