Прилепската болница доби современ апарат за дијагноза на епилепсија кај деца
WIK со двојна донација во Прилеп – современ апарат за болницата и поддршка за градинките
Општествено одговорната компанија WIK Македонија ја зајакна здравствената заштита во Прилеп со донација на апарат за видео електроенцефалографија (видео ЕЕГ), наменет за Одделението за детски болести при Општата болница „Борка Талески“.
Станува збор за модерен апарат кој овозможува прецизно следење на електричната активност на мозокот кај деца, преку видео синхронизирано снимање – технологија која досега беше достапна само на Клиниката за педијатрија во Скопје и во неколку приватни здравствени установи.
Со оваа донација, Прилеп станува нов регионален здравствен центар, бидејќи се очекуваат пациенти од цела Македонија да доаѓаат за дијагностика и третман.
Апаратот има повеќекратна примена: за одредување на терапија кај деца со епилепсија; за следење на нејасни епизоди на губиток на свест; и за дијагноза на одредени типови на главоболки и други невролошки нарушувања.
Истовремено, компанијата WIK преку донации во ЈОУДГ „Наша Иднина“ активно придонесува за подобрување на условите во детските градинки. Со нивна поддршка реконструирани се детски игралишта, а 25 деца Роми се ослободени од партиципација за учебната 2024/2025 година, обезбедувајќи еднаков пристап до претшколско образование.
Од Општата болница информираат дека во текот на оваа недела се очекува уште една значајна донација од друга прилепска фирма, со нови апарати и медицинска опрема.












