(видео) Преку „ТРАНСАКТ“ бесплатни услуги за социјално загрозените семејства
Во Прилеп беше одржана промоција на резултатите и придобивките од проектот „ТРАНСАКТ“, кој обезбедува интегрирани социјални и здравствени услуги за семејства во социјален ризик. Проектот од 2024 година се реализира во општините Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Градско.
Со овој проект, за првпат во Македонија се овозможуваат бесплатни услуги како медицинска сестра во домашни услови, физиотерапија, психолошка поддршка, помош од социјален работник, како и поддршка од специјален рехабилитатор, едукатор и логопед.
Целта е подобрување на квалитетот на живот на ранливите категории граѓани преку достапни и интегрирани услуги во заедницата.
Проектот е целосно финансиран од Австриското министерство за труд, здравство, нега и заштита на потрошувачите.
„Ова е навистина еден пример за најдобра пракса на кој начин сестрите одат дома кај луѓето, директно во нивниот дом и нудат одлична поддршка и помош која навистина им е потребна“, изјави Харолд Фугер, аташе на Австриското Федерално Министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачи.
„Австрија го има во секој случај водството во партнерството со Македонија, но исто така и во однос на европскиот пат на Македонија“, кажа Матијас Хуменбергер, заменик шеф на мисијата од австриската амбасада во Македонија.
Преку проектот се вработени 15 лица, медицински сестри и физиотерапевти, социјален работник, психолози, специјален рехабилитатор и едукатор.
„Моментално имаме опсег од 200 корисници, но се надеваме дека како што се зголемува бројката, а и во зависност од времетраењето на услугите кои ги нудиме, дека до септември оваа бројка ќе биде околу 700 корисници што би добиле услуги од нас. Не се само услугите во домот, дополнителна е поддршката со социјални пакети на социјално загрозени семејства со храна и хигиенски помагала кои исто така се обезбедуваат преку овој проект, а дополнително ќе бидат обезбедени и други услуги, со цел спектарот на достапни услуги согласно потребите на граѓаните да биде се поширок“, вели Марина Тошеска, Центар за развој и едукација Прилеп.
Проектот се имплементира во соработка со Центар за развој и едукација Прилеп и Центарот за социјална работа. Ова е продолжување на проектот „Помош и нега во домот“ кој по неговото завршување премина под државна капа.



