Лазаринки – рецепт од Бигорски манастир
Според древното предание на Христијаните во пресрет на Лазарева сабота, кога нашиот Спасител Господ Исус Христос го воскреснал веќе четири дена упокоениот и положен во гроб Лазар, постоел обичај домаќинките да прават т.н. Лазаринки, во негов спомен. Лазаринките се благи колачи, чијшто состав потсеќа на коливото кое се прави и принесува во спомен на упокоените. Формата го симболизира четиридневниот Лазар, упокоен и завиткан во погребни повои. Во сабота наутро жените ги носеле Лазаринките во храмот и откако ќе завршела светата Литургија им раздавале на присутните, а особено на децата, од традиционално направените Лазаринки, со голема љубов и побожност. Во истиот ден на Лазарева сабота децата, организирани од училиштата и родителите, се упатувале во парковите и блиските шуми, собирајќи гранчиња од врба и цвеќиња, коишто ги носеле во храмот пеејќи христијански каланди за Лазар, како и празничниот тропар „Општее воскресение“.

Сосотојки
- 1 кг. брашно
- ½ чаша вода
- ½ чаша масло
- ½ чаша таан
- 1 чаша сок од портокал свежо исцеден
- 1 чаша шеќер
- 80 гр. гриз
- 200 гр. плазма бисквити
- мелени ореви може и бадеми и лешници
- суво грозје може и друго суво овошје
- 1 м. лаж. цимет
- 1 ќесичка ванила
- 1 ќесичка пециво

Начин на подготовка
Подготовка на филот
- Ги печеме бадемите и лешницте.
- Ги мелеме бадемите, лешниците, оревите и плазмата.
- Ги цедиме портокалите.
- Сувото овошје го потопуваме во топла вода и го оставаме да отстои еден час, а потоа го процедуваме и го блендираме. Доколку е потребно додаваме малку од водата во која стоеше овошјето за да добиеме кашеста смеса.
- Состојките ги ставаме во сад, додаваме цимет и ванила, и мешаме сè додека не се соедини смесата и го добиеме потребниот фил.
Подготовка на тестото
- Во сад за месење го ставаме брашното, шеќерот, маслото, таанот, сокот од портокал, водата, гризот, циметот и ванилиниот шеќер и се замесува сè додека не се добие прилично меко, сјајно и жолтеникаво по боја тесто.
- Правење „Лазаринки“
- Од тестото земаме 35-40 гр. и со оклагија (сукало) го расукуваме во елипсовидна форма.
- Со мало лажиче ставаме од филот во средината по должината на расуканата форма.
- Ги преклопуваме двата краја и ги затвораме со прстите.
- Долниот крај го повлекуваме кон средината и го притискаме, а исто така и горниот, за да добиеме приближна форма на човечко тело.
- Повторно земаме од тестото, го развлекуваме во форма на стапче за да ги формираме рацете. Ги правиме рацете да бидат во прекрстена форма на градите.
- Редиме во плех за печење, откако претходно ќе поставиме хартија за печење.
- Со чепкалка за заби ги формираме очите.
- Печеме 21 минута на температура од 180°C, а потоа уште 4 минути на 240°C за да добијат румена боја.
- Ги вадиме од плехот, ги завиткуваме во крпа и ги оставаме околу 3 – 4 часа да оладат.
- Забелешка – – – За мерење користиме чаша од 250 мл.
Извор,фото: Бигорски манастир