Македонија, Грција и Албанија во заедничка акција за Преспа
Во Ресен се одржа консултативна работилница за ажурирање на Стратешкиот акционен план за прекуграничниот Парк Преспа 2025–2030, во организација на УНДП. Настанот обедини претставници од Македонија, Грција и Албанија, меѓу кои и градоначалниците на Ресен и Преспа, како и претставници на граѓанскиот сектор и експерти. Главна цел беше дооформување на заедничкиот план за заштита на биолошката разновидност, управување со ресурсите и развој на еко-туризмот. Македонското еколошко друштво и мрежата ПреспаНет истакнаа клучни препораки за унапредување на прекуграничната соработка и научниот пристап во заштитата на регионот.
Консултативна работилница, посветена на финализирање на ажурираниот Стратешки акционен план за прекуграничниот Парк Преспа 2025–2030. Настанот беше организиран од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, со поддршка на консултантската компанија EPICENTAR International.





Целта на работилницата беше да се добијат дополнителни мислења и препораки од релевантни чинители на локално, национално и регионално ниво за предлог-мерките и приоритетите содржани во нацрт-документот, кој има за цел унапредување на заштитата и управувањето со природните ресурси во Преспанскиот регион.
Работилницата беше отворена со воведни обраќања од градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, неговиот колега од грчка Преспа, Јоргос Стергиу, како и претставничката на УНДП, Маријана Милевска. Во своите излагања тие ја нагласија важноста на заедничкиот пристап во зачувување на природните екосистеми и истакнаа дека прекуграничната соработка е клучна за долгорочното управување со Паркот Преспа.
Модератор на консултативниот дел беше меѓународниот експерт Кит Шо, кој е ангажиран на подготовката на акцискиот план. Тој го претстави процесот на изработка на документот, предложената визија и приоритетните цели за периодот 2025–2030, повикувајќи ги присутните да дадат конкретни препораки и коментари за подобрување на содржината.
Во рамките на настанот се вклучи и м-р Робертина Брајаноска, извршна директорка на Македонското еколошко друштво (МЕД), која говореше од името на прекуграничната мрежа ПреспаНет, што ги обединува МЕД (Северна Македонија), Society for the Protection of Prespa – SPP (Грција) и PPNEA (Албанија). Таа се осврна на потребата од јасно дефинирани индикатори за мониторинг на биолошката разновидност, подобро инкорпорирање на постоечките научни истражувања и унапредување на меѓусебната размена на податоци помеѓу трите земји.
Ажурираниот Стратешки акционен план за Паркот Преспа 2025–2030 претставува заеднички документ кој се изработува со цел унапредување на прекуграничната соработка меѓу Македонија, Грција и Албанија. Тој ќе биде основа за натамошно координирано дејствување во областите на заштита на природата, водното богатство, одржливо земјоделство, еко-туризам и климатски акции.
Фото – Македонско еколошко друштво



